Oktaj Omeragikj
05 Мај 2025•Ажурирај: 06 Мај 2025
Денес во Косово продолжи гласањето за конституирање на косовското Собрание, што беше неуспешно во претходните десет обиди. Седницата и денес беше прекината поради недостаток на кворум, известува Анадолу.
Со мало задоцнување конститутивната седница на косовскиот Парламент започна во 10:25 часот. Претседавачот Авни Дехари соопшти дека во салата се присутни 111 пратеници и дека седницата може да продолжи.
На почетокот се бараше формирање комисија за тајно гласање за избор на претседател на Парламентот, но повеќето партии се спротивставија на формирањето ваква комисија и не номинираа свој член за неа.
Од 111 присутни пратеници во салата, 56 пратеници гласаа за оваа комисија, еден пратеник беше против, а немаше воздржани.
- Седницата прекината во 10:30 часот
Откако не беше изгласан предлогот, претседавачот со седницата Авни Дехари се огласи со зборовите:
„Седницата е прекината, се гледаме повторно на 7 мај во 10:00 часот“.
Лидерот на втората по големина партија во земјата, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека актуелниот премиер Албин Курти продолжува да ја предложува кандидатката Албулена Хаџиу, која не го добива потребниот број гласови.
Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето „Самоопределување“, Албулена Хаџиу, досега доби не повеќе од 57 гласови за претседател на косовското Собрание. Од добиените гласови 48 се од Движењето „Самоопределување“, а 9 од пратеници кои доаѓаат од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.