Fatjon Cuka
02 Ноември 2023•Ажурирај: 03 Ноември 2023
ТИРАНА (АА) - На денешната седница на Парламентот на Албанија повторно имаше тензии бидејќи пратениците од опозицијата ги попречуваа дискусиите за предлог-законите, јавува Анадолу.
Пратениците од опозициската партија Демократската партија на Албанија и други опозициски пратеници надвор од пратеничките групи ја блокираа говорницата со столчиња, а фрлаа и димни бомби во салата.
Претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, на отворањето на седницата истакна дека сѐ што се случува „е срам за албанскиот парламентаризам“.
Обраќајќи им се на пратениците од опозицијата, Никола истакна: „Заборавате дека Парламентот не е фотелјата, не е зградата, тоа е одговорност и волја што се чини дека ви недостасува.“
Во денешната изјава за медиумите поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, кој во Собранието се смета за пратеник надвор од пратеничките групи поради неодамнешните судири во Демократската партија, нагласи дека бараат „повторно враќање на правото на опозицијата да ја врши својата законодавна дејност“.
Во екот на создадените тензии и хаос, Собранието изгласа неколку предлог-закони што за кои требаше да се расправа на денешната седница, меѓу кои и законските измени во Законот за адвокатурата, Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Република Албанија и Република Бугарија за социјална заштита и неколку други предлог-закони.
По одобрувањето на предлог-законите, Никола ја затвори седницата.
Потсетуваме, пратениците од опозициската партија Демократската партија на Албанија и други опозициски пратеници надвор од пратеничките групи го спречија одржувањето на последните две собраниски седници, спречувајќи ги пратениците на владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија, да одржат говори на седницата, блокирајќи ги говорницата и министерските места.
Опозициските пратеници истакнаа дека „опозицијата е решена со сите сили да ги брани своите уставни права со оваа битка во Парламентот“.
Пратениците на Демократската партија на Албанија (ПД) и другите пратеници од опозицијата нагласија дека „отпорот на опозицијата во Парламентот ќе започне“ бидејќи, според нив, „Парламентот се претвори во лична институција на премиерот Еди Рама и на претседателката на Парламентот, Линдита Никола“.