Поминаа три години од трагичната несреќа во Бугарија каде животот го загубија 45 лица од Северна Македонија
Автобусот со патници главно од Скопје, но и од другите градови на Северна Македонија, се враќаше од туристичко патување во Истанбул
СКОПЈЕ (АА) - Поминаа три години од трагичната автобуска несреќа во Бугарија, во која животот го загубија 45 лица, од кои 12 деца, а уште 7 беа повредени, јавува Анадолу.
Автобусот со патници главно од Скопје, но и од другите градови на Северна Македонија, на 23 ноември 2021 година се враќаше од туристичко патување во Истанбул.
Тоа утро, многу семејства се обидоа да ја дознаат судбината на нивните најблиски, бидејќи туристичките патувања во Истанбул се популарни за жителите на Северна Македонија.
Автобусот беше зафатен од пламен, додека трагична околност е фактот што несреќата се случи околу 2 часот по полноќ, кога најверојатно повеќето од патниците спиеле.
Веднаш по несреќата започната е истрага, една во Бугарија за причините за несреќата, а друга во Северна Македонија во врска со сомневањата за неправилности поврзани со туристичката агенција која го организираше патувањето.
Во август 2022 година, бугарските власти објавија дека според истрагата, причина за несреќата е губењето на контрола врз автобусот од страна на возачот и управување со брзина над дозволената.
Во Северна Македонија властите утврдија неправилности во врска со документацијата и за тоа е изречена првостепена пресуда со казна затвор за сопственикот на компанијата, казна за правното лице, односно парична казна од 800.000 денари (околу 13 000 евра), како и мерка забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата. Судскиот процес во Северна Македонија продолжува во појвисоките судски инстанци.
Поради несреќата, Северна Македонија прогласи тридневна жалост, а по еден ден на жалост беше прогласена и во Бугарија и Косово.
Тогашниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за несреќата рече дека тоа е трагедија која не се памети во поновата историја на земјата, додека тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, несреќата ја опиша како „страшна трагедија“.
Несреќата беше опишана од многу локални и меѓународни медиуми како најсмртоносната сообраќајна несреќа во бугарската историја и најсмртоносната автобуска несреќа во последните 10 години во Европа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.