Admir Fazlagic
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Горан Грујевски, доби 1,5 години затвор за уништување на опремата за прислушување во УБК, додека другите шестмина вработени во УБК обвинети во случајот „Тврдина 2“ добија условни казни, одлучи Кривичниот суд во Скопје., одлучи Кривичниот суд во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обвинителката на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) Ленче Ристовска, откако Кривичниот суд ги прогласи за виновни седумтемина обвинети во предметот „Тврдина 2“, меѓу кои е и екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, рече дека се задоволни од пресудата на Кривичниот суд.
„Ваквата одлука е во рамките на нашите очекувања. Ние рековме дека имаме цврсти докази против обвинетите, и судот тоа го потврди“, изјави Ристовска.
Во понеделникот, во завршните зборови од овој случај, таа побара најстрога казна за Грујевски, кој се наоѓа во екстрадициски притвор во Солун, откако пред три месеци илегално ја напушти Македонија и пред дваесеттина дена беше уапсен на аеродромот во Солун, Грција.
Според СЈО, тој го наредил и го организирал уништувањето на службената документација поврзана со незаконското прислушување, се обидел да ги сокрие трагите кој и како прислушувал и да ја отежни истрагата, а потоа побегна од државата за да избегне соочување со кривичното дело.
На останатите шестмина обвинети, вработени во УБК, СЈО побара да им бидат изречени условни казни.
Од друга страна, одбраната на обвинетите во завршниот збор побара од Судот да ги ослободи обвинетите бидејќи во овој предмет нема кривично, туку евентуално прекршочно дело.
Првообвинетиот Грујевски во екстрадицискиот притвор во Грција е заедно со неговиот поранешен колега од УБК, Никола Бошкоски, кој во „Тврдина 2“ требаше да се појави како сведок.
Инаку, предметот „Тврдина 2“ се однесува на уништување на службената документација поврзана со незаконското прислушување.