Ivana Ramadanova
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, денеска потпишаа меморандум за разбирање за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Анѓушев на денешниот настан го истакна значењето на економската соработка меѓу Швајцарија и Република Македонија, а особено фокусот беше насочен кон процедурите за потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Владата, Министерството за локална самоуправа и амбасадата на Швајцарија, Швајцарската агенција за соработка и развој, за програмата „Одржлив и инклузивен, рамномерен регионален развој 2017 – 2021“, за која се планирани 5,3 милиони швајцарски франци, при што Владата ќе учествува со 1,7 милиони швајцарски франци.
Тој истакна дека главната цел на оваа програма, која се состои од три компоненти, е да овозможи одговорните институции успешно да ја спроведат политиката за рамномерен регионален развој, при што треба да се земе предвид нивото на развој на секој од регионите поединечно.
„Во првата компонента има детерминирано 1,7 милиони евра и во неа ќе се развие софтвер преку којшто ние ќе можеме да следиме како е распределен буџетот во трошењето по регионите. Во втората компонента, којашто е од 0,7 милиони швајцарски франци, ние имаме насочено средства за ранливата категорија граѓани и за подобрување на нивната инфраструктура. Третата компонента ги сочинува остатокот од средствата и е најголема, насочена кон инфраструктурните и иновативните проекти во сите осум плански региони“, истакна Анѓушев.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, во своето обраќање пред новинарите рече дека Швајцарија ги поддржува политиките и активностите поврзани со регионалниот развој во Република Македонија од 2012 година.
„Во текот на последните пет години имаме постигнато извонреден успех во насока на намалување на регионалните диспаритети и во насока на создавање соодветна политика за регионален развој. За таа цел, ја стимулиравме дебатата меѓу националните и регионалните институции, го поттикнавме вклучувањето на регионалните и локалните чинители, академското општество, академската заедница, бизнис заедницата и граѓанските организации“, рече Техада.
Вицепремиерот Анѓушев и амбасадорката Техада се согласија дека економската соработка меѓу двете земји мора да продолжи да се развива и дека во наредниот период со реализација на заедничките проекти ќе се постигнат уште позначајни резултати, со што ќе се придонесе за поинтензивен економски развој, како на локално, така и на државно ниво.