Stipe Majic
06 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Северна Македонија е во дводневна посета на Хрватска, а нејзината посета на хрватскиот Парламент започна со средба со потпретседателот на Собранието, Даворко Видовиќ и со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Домагој Хајдуковиќ, кој е и домаќин на посетата на неговите македонски колеги.
„Меѓу Хрватска и Северна Македонија нема никакви отворени прашања, ние споделуваме долга заедничка историја и пријателство на сите нивоа“, рече потпретседателот Видовиќ.
Во соопштението од хрватскиот Сабор се вели дека Видовиќ додал дека Северна Македонија од самиот почеток ја има целосната поддршка од Хрватска на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции, имајќи предвид дека Северна Македонија е кандидат за полноправно членство во ЕУ од 2005 година.
„Направени се огромни напори од македонска страна, решени се голем број внатрешни и надворешни политички предизвици, особено во однос на соседна Бугарија и сметаме дека се отстранети пречките за почеток на преговорите со Унијата. Длабоко веруваме дека Северна Македонија има место во Европската Унија“, рече Видовиќ.
„Многу сме посветени на процесот за подобрување на добрососедските односи со Бугарија, избрана е нова влада и одржуваме редовни состаноци на парламентарно и министерско ниво. Во исто време, ние постојано ја продолжуваме нашата агенда за пристапување во ЕУ и со нетрпение го очекуваме датумот за почеток на пристапните преговори за да се приклучиме во кругот на западните демократии“, изјави Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања во Собранието, додавајќи дека Македонија има стратешко значење во регионот.
Членката на македонската делегација, Снежана Калеска Ванчева, истакна дека на Македонија ќе ѝ треба сета поддршка и размена на хрватските искуства кога ќе почнат пристапните преговори, за кои знаат дека ќе бидат тешки и долги, но дека македонската политичка сцена е едногласна за иднината на земјата како членка на Европската Унија и НАТО, соопштено е од хрватскиот Парламент.
Учесниците на средбата се согласија со оценката на потпретседателот на хрватскиот Сабор, Даворко Видовиќ, дека билатералните односи може дополнително да се интензивираат на полето на трговијата и влез на македонската работна сила на хрватскиот пазар на труд, особено на сезонска основа во туристичкиот сектор.
Членовите на македонската делегација денеска одделно ќе се сретнат со членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Комисијата за регионален развој и фондовите на Европската Унија и членовите на Меѓупарламентарната група за пријателство Хрватска - Северна Македонија.