Husamedin Gina
07 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Православните христијани во Северна Македонија денеска го слават празникот Божиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ) изутринава се одржуваат божиќни литургии, a централното одбележување се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што литургија одржа архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.
По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски, заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога за сите.
По Божиќната литургија, во Соборниот храм беше прочитана пораката на архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан. Пораката ја прочита отец Сашо.
Во својата порака, г. г. Стефан, истакнувајќи дека „ние како луѓе заборавивме дека без Бога не можеме да направиме ништо“, рече дека „оваа состојба со пандемијата ни докажа колку е човекот немоќен, и покрај сета своја самоувереност, достигнувања и знаења“.
„Народите повторно се соочени со големо страдање и со зголемена смртност. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да го љубат Бога и да ги љубат блиските. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата“, нагласува архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во својата порака.
Во Божиќната порака г. г. Стефан нагласи дека добриот однос со Бога и со луѓето постојано треба да се создава и да се негува, и дека посакува во новата година да се победат злото и непријателствата кои владеат во светот.
- Одбележување на Божиќ во земјите од регионот
Во Храмот „Свети Сава" во Белград е одржана литургија по повод празникот Божиќ. Литургијата ја служеше митрополитот дабробосански Хризостом, кој по смртта на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) патријархот Иринеј, ја извршува таа должност до избор на нов патријарх.
Поразлично во однос на литургиите во претходните години е тоа што литургијата е одржана во текот на пандемијата на коронавирусот, поради што хорот имаше заштитни маски, како и делот на собраните верници.
Божиќната литургија со која припадниците на православната вероисповед го дочекаа Божиќ, утрово е служена и во црквите ширум Босна и Херцеговина.
Литургија утрово е одржава и во Соборната црква во Сараеаво. Божиќ се одбележува во време на пандемија и со мерките кои се воведени со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), поради што на литургијата присуствуваше само мал број верници.
Божиќна лиургија имаше и во Храмот „Христово воскресение" во Подгорица, во главниот град на Црна Гора.
Во Соборниот храм во Загреб, главниот град на Хрватска се одржа божиќната литургија, која ја предводеше митрополитот загребачко-љубљански Порфирије Периќ.
Празникот Божиќ, православните христијани низ светот денеска го одбележуваат според Јулијанскиот календар.