Amina Zorniç
05 Јануари 2017•Ажурирај: 06 Јануари 2017
БОН (АА) - Властите во германскиот град Бон ја разгледуваат можноста како експонат во колекцијата на градскиот музеј да го сместат камионот што неодамна беше користен во терористичкиот напад на Божиќниот панаѓур во Берлин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Терористичкиот напад со камион се случи на 19 декември минатата година, на Божиќниот панаѓур во центарот на Берлин. Во моментот кога возилото влета во толпата, животот го загубија 12 лица.
Одговорните од Домот на историјата во Бон (Haus der Geschichte) соопштија дека моментално се разгледува одлуката камионот да биде сместен во колекцијата од историски предмети поврзани со тероризмот.
„Размислуваме за тоа, но сѐ уште е рано да донесеме одлука. Треба да почекаме да помине малку време. Нападот, сепак, не беше толку одамна, со должна почит кон жртвите. Ако оваа тема е општествено релевантна, што во овој случај е, тогаш тоа спаѓа во нашата историја, сакале ние или не“, изјави Ханс Валтер Хутер, претседател на фондацијата за Домот на историјата.
Тој потсети дека музејската поставка содржи предмети од левичарските и десничарските терористички групи од Германија, како Фракцијата на Црвената армија (РАФ) или терористичките организации на Националсоцијалистичкото подземје (NSU).
Во музејот во Бон исто така се наоѓаат делови од зданието на Светскиот трговски центар срушен на 11 септември 2001 година во Њујорк.
„Тие предмети ја претставуваат човековата болка произлезена од терористичките напади“, појасни Хутер.
Тој потсети и на пиштолот користен во атентатот на австроунгарскиот престолонаследник, Франц Фердинанд, во Сараево 1914 година, кој е изложен во музејот во Виена.
„Да се има еден таков оригинал пред очите е мошне силно кога знаете дека тоа оружје ја предизвикало Првата светска војна. Изложениот експонат секогаш мора да има контекст, а во спротивно, тоа би било само парче оружје“, заклучи Хутер.