Alma Çekovic
02 Април 2017•Ажурирај: 03 Април 2017
БЕЛГРАД (AA) - Според првите прелиминарни резултати на Републичката изборна комисија Александар Вучиќ на претседателските избори во Србија освои 59,89 отсто гласа, пренесува Anadolu Agency (AA).
По обработените 16,84 отсто изборни места, Вучиќ освои 203.892 гласа, односно 59,89 отсто гласа.
Според првите прелиминарни резултати, Саша Јанковиќ освои 13,12 отсто гласа, Лука Максимовиќ 8,37 отсто, а Вук Јеремиќ 5,21 отсто.
На изборите за претседател на Србија на 8.396 гласачки места право на глас имаа 6.724.949 граѓани. На 90 гласачки места граѓаните гласаа и на Косово.
Во трката за претседател на Србија се наоѓаат 11 кандидати.
Изборите за претседател на Република Србија се одржуваат на секои пет години, колку што според Уставот на Република Србија трае мандатот на претседателот на Србија.
Освен овие редовни, можни се и вонредни претседателски избори, кои се спроведуваат кога претседателот е спречен да ја извршува таа должност или кога мандатот му престанува пред истекнување на времето на кое е избран.
Изборниот процес го следат вкупно 1.955 домашни набљудувачки од четири здруженија и 126 странски набљудувачки од 25 организации, изборни комисии и амбасади.