Gorana Jakovljevic
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
БАЊА ЛУКА (АА) - Првото лице во Босна и Херцеговина (БиХ) заразено со новиот вид коронавирус (Ковид-19) е од Бања Лука, а ова лице работи во Италија. Тој е згрижен во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска (РС), а со тестирањето е утврдено дека е заразено и неговото дете, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство и социјална заштита на РС, Ален Шераниќ, на конференцијата во Институтот за јавно здравство на РС во Бања Лука изјави дека се работи за лице во средни години, кое кон крајот на минатиот месец се вратило од Италија и се пријавило само. Овој маж во моментот е изолиран, нема потешкотии и се чувствува добро.
„Ова е прв случај, не беше неочекувано; тешко е да се контролира ситуацијата, со оглед на тоа што Италија е најголем надворешнотрговски партнер и многу луѓе работат во Италија“, рече Шераниќ, додавајќи дека може да се очекуваат повеќе случаи.
Тој истакна дека во текот на ноќта ги тестирале лицата што имале контакт со заразеното лице, односно неговото семејство, така што е откриено дека неговото дете, кое оди во Основното училиште „Бранко Чопиќ“, е позитивно на вирусот. Веднаш биле утврдени мерки поврзани со училиштето. Тој истакна дека детето се чувствува добро и нема никакви симптоми.
„Ние се подготвувавме за ова и подготвено го дочекавме, така што сега ќе ги реализираме мерките“, изјави Шераниќ.
Тој нагласи дека се преземаат сите потребни мерки за да се пронајдат потенцијално заразените лица.
„Утврдено е дека сопругата е негативна, а ќе ги провериме и останатите лица кои биле во контакт со заразеното лице“, изјави тој.
Шераниќ потсети дека 92 отсто од заболените се излекуваат, додека 80 отсто од нив поминуваат со поблаги симптоми.
„Ги потсетувам сите граѓани и апелирам да бидат одговорни и да имаат одговорен став кон тоа, време е да преземеме заедничка акција“, рече тој, додавајќи дека најважно е да се почитуваат препораките на експертите.
Миење на рацете, одржување лична хигиена, кашлање во марамче и негово ставање во ѓубре, проветрување, дезинфекција во јавните установи се некои од мерките што ги спомена Шераниќ.
Тој изјави дека секое лице за кое ќе се утврди дека има адекватен симптом ќе биде упатено на тестирање.
Основното училиште нема да работи до понеделник, при што дотогаш ќе се изврши дезинфекција на просториите.
Вршителот на должноста директор на Институот за јавно здравство на РС, Бранислав Зељковиќ, изјави дека Институтот денес ќе изврши тестирање на децата.
Генералниот директор на Универзитетскиот клинички центар на РС, Владо Џајиќ, рече дека населението не треба да се грижи.
„УКЦ РС подготвено го дочека првиот пациент“, рече Џајиќ, додавајќи дека е подготвен карантин со 50 кревети на поранешната Клиника за белодробни заболувања.
Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ, рече дека ќе бидат извршени првите превентивни прегледи на учениците.
Во тек е дезинфекција на училиштето, а ќе се процени и потребата за дезинфекција на другите објекти.