Предраг Пухариќ избран за нов градоначалник на Сараево
„Моја должност е да работам за доброто на сите граѓани, свесен дека одлуките што ги носиме денес ги поставуваат темелите за иднината на градот што најмногу го сакаме.“
САРАЕВО (АА) - Предраг Пухариќ од Социјалдемократската партија (СДП) на Босна и Херцеговина е избран за нов градоначалник на Сараево на денешната седница на Градскиот совет, јавува Анадолу.
Градот Сараево објави дека Пухариќ оваа должност ќе ја извршува до новото конституирање на новиот состав на Градскиот совет на Град Сараево и постапката за избор на градоначалник на конститутивна седница.
По преземањето на новата функција, Пухариќ даде свечена изјава дека ги прифаќа правата и должностите на градоначалникот на Сараево и се заблагодари за укажаната чест и довербата.
„Моја должност е да работам за доброто на сите граѓани, свесен дека одлуките што ги носиме денес ги поставуваат темелите за иднината на градот што најмногу го сакаме. Ги повикувам советниците, граѓаните, организациите и институциите да дејствуваат заеднички“, рече новоизбраниот градоначалник.
По обраќањето, досегашната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, симболично му го врачи „клучот“ од Град Сараево на Пухариќ и му посака многу среќа во работата.
Предраг Пухариќ е роден во 1977 година во Сараево. Тој е угледен експерт од областа на кибербезбедноста и дигиталната трансформација, со над 20 години искуство во образованието, истражувањето и имплементацијата на најсовремените безбедносни решенија во дигиталниот простор.
Дипломирал на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево, а се усовршувал на универзитети во Велика Британија и во Соединетите Американски Држави. Добитник е на ИВЛП стипендијата на Стејт департментот.
Моментално ја извршува функцијата директор на Центарот за извонредност во кибербезбедноста (CSEC) во Босна и Херцеговина.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.