Bakir Tiro
22 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
СРЕБРЕНИЦА (AA) – Солзи, болка, плач во текот на изрекувањето на пресудата... Но, како што тврдеа, и некоја чудна среќа поради задоволувањето на правдата владееше меѓу мајките на Сребреница, кои денеска во спомен-собата на Меморијалниот центар во Поточари го следеа изрекувањето на пресудата доживотен затвор на Ратко Младиќ, поранешен началник на Главниот штаб на Војската на Република Српска, пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг.
„Ти благодарам, Боже драги, ти благодарам, Боже драги“, извикуваа утрово, по пресудата, во спомен-собата во Меморијалниот центар Поточари, жените чии синови, мажи, браќа, родители, сестри... беа убиени во геноцидот во јули 1995 година, по падот на заштитената зона на ОН, Сребреница.
„Правдата е задоволена. Меѓутоа, тој е жив за жената и за синот, а јас сега одам дома и ќе бидам сама", рече за Anadolu Agency (AA) Шухра Малиќ, која изгуби двајца синови и други бројни членови на блиското и подалечно семејство во геноцидот што го извршија српските воени, полициски и паравоени формации под команда на Младиќ.
На Бида Османовиќ во геноцидот ѝ е убиен синот, по чии посмртни остатоци трагаше 24 години и минатото лето е погребан на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари.
„Се тресам. Досега ниту една пресуда не нѐ задоволи. Ниту една пресуда не може да ги смени нашите бели нишани во Поточари. Но, што да правам?! Покрај толку солзи, морам да се охрабрувам", рече Бида Османовиќ.
И Нермин Аливуковиќ, заменик на градоначалникот на општина Сребреница, беше задоволен со пресудата за Младиќ.
„Очекувавме да биде изречена најтешката пресуда. Тоа и се случи, секако, за Сребреница и за преживеаните жртви од геноцидот значи многу. Тоа е сатисфакција за сите во Сребреница и за жртвите кои во текот на војната паднаа во БиХ. Сепак, без да се донесе закон за негирањето на геноцидот и за она што се случи, нема да имаме вистински пат во правец на помирување", истакна Аливуковиќ, нагласувајќи дека не очекува оти пресудата на Младиќ ќе го смени мислењето на оние што го негираат докажаниот и пресудениот сребренички геноцид:
„Нема да се случи ништо, бидејќи имавме и претходни пресуди... Со закон би престанале да се омаловажуваат жртвите“.
Ќамил Дураковиќ, поранешен градоначалник на општина Сребреница, изјави дека правдата донекаде е задоволена бидејќи „најодговорното лице, коешто директно ги спроведуваше политичките намери, убиваше или наредуваше убиства, доби доживотен затвор".
„За жал, во првата точка, судот не пресуди за геноцид во уште шест општини на БиХ. Обвинителството не даде уверливи докази за судскиот совет. Меѓутоа, доживотната казна за најголемиот злосторник на Балканот, посебно во БиХ, е правилна одлука", порача Дураковиќ од Меморијалниот центар Поточари, додавајќи:
„Особено е важно што судот во Хаг утврди здружен злосторнички потфат, дека е докажано злосторството. Не може да се поддржуваат, да се нарекуваат херои луѓе што имале зли намери“.
Во Сребреница, по изрекувањето на пресудата на Младиќ, забележан е поголем број полицајци, но улиците во најголем дел се пусти и досега немаше ниту помали инциденти.