Admir Fazlagic
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва во Клубот на пратениците, приреди ифтарска вечера по повод муслиманскиот месец на постот, Рамазан, јавува Anadolu Agency (AA).
На ифтарската вечера присуствуваа амбасадорката на Република Турција во Скопје Тулин Еркал Кара, амбасадорот на Иран во Скопје Хосеин Карими, амбасадорката на Босна и Херцеговина во Скопје, Лепа Бабиќ, претседателот на Одделот за Балкан и Источна Европа на ТИКА, Махмут Чевик, претставници на турските институции во земјата, меѓу кои Турската агенција за координација и соработка (ТИКА), Турскиот културен центар „Јунус Емре", Фондацијата „Маариф", Македонско-Турската стопанската комора (МАТТО), претставници на заедниците во Македонија, како и бројни личности од јавниот и политичкиот живот и бизнис заедницата.

Во своето обраќање кон присутните гости на ифтарската вечера претседателот Иванов потсети дека ова е деветти пат како тој и неговиот кабинет приредуваат ифтарска вечера, истакнувајќи дека тоа е израз на почит кон муслиманите во Македонија.
„Ова е само израз на почит и внимание кон муслиманите од Македонија, традиција која ја негувале и нашите предци, која се надевам ќе ја продолжат и нашите потомци. Ова не е само свет месец Рамазан, ова не се само денови на пост и молитва, туку ова се и денови кога треба да се укаже чест и внимание, кога треба да се негуваат традициите и обичаите на нашата специфична македонска култура и традција на соживот", истакна претседателот Иванов.
Тој рече дека постот не е само откажување од храна и вежбање на карактерот, туку дека постот е и момент на почит на својата религија, почит кон своите блиски и пријатели.
„Како еден од петте основни темели на исламот, овој пост и молитва, посакувам вам и на Вашите семејства да ви донесе многу радост, многу здравје, многу среќа и многу бериќет", порача Иванов во своето обраќање по повод ифтарската вечера.