Admir Fazlagic
02 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за разликата околу името со Грција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на претседателот Иванов, информираат дека на средбата беше разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.
Како што соопштуваат од таму, претседателот Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување на нови содржини.
Македонскиот претседател порачал дека Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации и истакнал дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.
„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето на доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион“, истакнал претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Нимиц.
Меѓу другото, петседателот Иванов истакна дека во процесот кој се води во рамки на Обединетите нации, неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Во таа насока, претседателот Иванов ја потенцирал потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.
Инаку, специјалниот претставник на Обединетите Нации (ОН) во разговорите меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц до 4 јули ќе престојува во Скопје на разговори со македонскиот државен врв за можностите за решавање на спорот за името.
Од прес службата на Обединетите нации соопштија дека Нимиц доаѓа во Скопје на покана на Владата на Македонија со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Меѓу другото, во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина.
Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција, последен пат ги посети двете земји на крајот на јули 2014 година.