Admir Fazlagic
27 Мај 2017•Ажурирај: 28 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во исламот, Рамазан е светиот месец кога се слави духовното и телесното прочистување. За муслиманските верници започнува постот преку покајание и молитва за поклонение пред Бога. Учењата велат дека помагајќи ги сиромавите и изнемоштените, верниците се надеваат на милост и простување на гревовите пред портите на рајот, за себе и за своите блиски", вели претседателот Иванов во честитката.
„Солидарноста и милосрдието се заеднички вредности на кои нè учат религиите. Но, добрината, милоста и споделувањето се човечки доблести кон кои треба да се стремиме. Во духот на празникот, Ви посакувам лесни рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и простување", истакнува претседателот Иванов во рамазанската честитка.