Husamedin Gina
05 Септември 2022•Ажурирај: 06 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Кабинетот на претседателот, двајцата соговорници дискутирале за соработката меѓу Република Северна Македонија и НАТО-алијансата, за актуелните регионални и безбедносни прашања, енергетските предизвици и безбедносните теми поврзани со стабилноста на регионот.
Во однос на руската агресија врз Украина, претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за Украина и украинскиот народ, посочувајќи дека Северна Македонија, како членка на НАТО, ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош, со крајна цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување мир.
Генералниот секретар Столтенберг се заблагодари за поддршката што Република Северна Македонија ја дава на украинскиот народ во одбраната на нивната земја.
Двајцата соговорници, според соопштението, се согласија дека Алијансата треба да продолжи во своите напори за поддршка на Украина со цел стабилизирање на ситуацијата во целиот евроатлантски простор.