Saimir Alija
13 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ТИРАНА (АА) - Студентите од државните универзитети во Тирана денес продолжија со протестите, инсистирајќи да им бидат исполнети нивните барања и одбивајќи го дијалогот со институциите и Владата на Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Осумте барања на студентите се намалување за половина на годишните тарифи за студирање за секое ниво на студирање, транспарентност со буџетот од страна на Министерството за образование и универзитетите, разгледување на академските звања и верификација на плагијати на докторски дисертации и научните текстови, универзитетскиот управен одбор да има еднаков број на гласови, снабдување на секој студент со студентска карта во текот на академската 2018-2019 година, изградба на библиотеки со европски стандарди, како и евалуација на перформансот во наставата и научно истражување на педагогот.
Во текот на денешниот ден илјадници студенти се собраа пред Собранието на Албанија во Тирана, каде што протестираа за исполнување на нивните барања, а одлучни се во тоа да не прифаќаат дијалог со институциите.
Студентските протести биле организирани и во неколку други градови низ Албанија, како Берат, Горица, Скадар, Валона и Ѓирокастро.
- Реагираше премиерот Рама: „Владата не е во конфликт со студентите“
Во врска со протестот на студентите реагираше и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој во својот говор за време на пленарната седница во Собранието на Албанија ги повика студентите на дијалог, и додаде дека Владата на Албанија е подготвена да ги реши нивните барања.
„Поканети се во секој момент, тука, во сала, ако сакаат отворено да дискутираат пред јавноста во врска со нивните осум точки, но и повеќе од тоа, оваа сала е на располагање. Фактички, реалната опозиција во земјата денес се тие студенти кои одлучиле да бидат против еден универзитетски систем кој ги зел нив како заложници. Овој Парламент и секоја сала се простории во кои можеме да дискутираме со студентите. Јас сум подготвен тука или каде било ако студентите сакаат да дискутираат“, рече Рама.
„Подготвени сме една по една да ги исполниме точките. Денес Владата не е во конфликт со студентите, туку денес Владата е со студентите“, додаде Рама, разговарајќи околу барањата на студентите.
Според Рама, овој протест претставува шлаканица за Владата, удар врз опозицијата и надеж за општеството, додека, рече тој, општеството бара решение, а тоа решение го има Владата и тоа ќе го даде со дијалог.
За време на протестот не се забележани инциденти.
Студентите велат дека нема да се откажат од протестите сѐ додека им бидат исполнети барањата.