Andelija Stojkovic
13 Декември 2018•Ажурирај: 14 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска разговараше со шефот на УНМИК, Захир Танин, и рече дека Србија ќе стори сѐ за да се сочува мирот и стабилноста, но дека ситуацијата, кога Приштина утре ќе ја донесе одлуката за формирање војска, ќе биде значително влошена, а Танин истакна дека ја дели загриженоста околу ситуацијата во Косово, пренесува Anadolu Agency (АА).
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ изјавил дека намерата на Приштина да формира војска на Косово е нова, провокативна и еднострана мерка по воведувањето такси на стоката од Србија, и дека тоа предизвикува сериозна загриженост на Србија за иднината на Србите во Косово.
Тој додаде дека КФОР, според одредбите на Резолуцијата 1244, е тој кој има мандат за „разоружување на нелегално вооружените сили на косовските Албанци“, и најави дека Србија ќе се консултира со своите пријатели во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за она што може да го преземе како одговор на формирањето војска на Косово.
Танин од своја страна истакнал дека ставот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, е дека Резолуцијата 1244 останува важечка рамка за меѓународното присуство во Косово, како и тоа дека нема промена на мандатот на КФОР без согласност на Советот за безбедност при ОН.
Тој повтори дека воведувањето такси од 100 отсто на стока од Србија е јасно кршење на договорот ЦЕФТА, и дека таа мерка мора веднаш да биде сопрена.
„Вучиќ го замоли Танин да го искористи своето влијание и да ја предупреди Приштина дека со „едностраните и провокативни мерки“ ја зголемува напнатоста и го загрозува мирот и стабилноста во регионот“, се соопштува од Кабинетот на Вучиќ.