Zülfiya Yakup
24 Август 2017•Ажурирај: 25 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - Петтиот обид за конституирање на косовското Собрание не успеа и денес, бидејќи коалицијата ПАН побара повеќе време за да обезбеди парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Енвер Хоџај, претставникот на коалицијата ПАН (Демократска партија на Косово-Алијансата за иднината на Косово-Иницијатива за Косово), изјави дека неговата коалиција го нема потребното парламентарно мнозинство.
„Ние последните недели, а ниту денес, немаме мнозинство од 61 пратеник за да предложиме кандидат за претседател на Собранието. Ние имаме кандидат за претседател, но немаме мнозинство“, рече Хоџај.
Тој истакна дека никој нема мнозинство од 61 глас, бидејќи ситуацијата е 60 спрема 60 гласови. Хоџај истакна дека одговорноста за доцнењето на институциите не е само на ПАН, туку и на сите останати партии. Тој порача дека на коалицијата ПАН ѝ треба малку повеќе време, односно 10 до 15 дена.
Според одлуката на Уставниот суд на Косово од 2014 година, само победничкиот субјект, во овој случај ПАН, има право да предложи кандидат за претседател на Собранието. Со оглед на тоа што Теута Ругова, пратеничка од коалицијта ЛАА, ја поддржа коалицијата ПАН во Собранието на Косово, засега никој не го има потребното мнозинство од 61 гласови.
Претседавајќи со конститутивната седница како најстар пратеник, Адем Микуловци ја обвини ПАН за блокада на формирањето на институциите, потсетувајќи дека веќе трипати спровел консултативни состаноци со нив и со другите партии. Потоа им даде збор на претставниците на политичките субјекти.
Албин Курти, кандидат за премиер од Движењето Самоопределување, ја обвини Пан дека ја саботира највисоката институција на Косово. Тој го повика Кадри Весели да провери колку гласови има во Собранието.
Курти истакна дека верува оти во редовите на ПАН има личности што без проблем би го добиле потребното просто мнозинство гласови за претседател на Собранието.
Тој оцени дека одлуката на Уставниот суд треба да се почитува, но нагласи и дека Уставниот суд зависи од Уставот, а не обратно. Според него, Уставот подразбира дека секој кој има 61 или повеќе гласови може да предложи кандидат. Курти ги повика пратениците, доколку ПАН одбива да предложи свој кандидат, да гласаат за нивниот кандидат.
Авдула Хоти, пратеник на коалицијата ЛАА (Демократски сојуз на Косово-Алијансата за ново Косово-Алтернатива), истакна дека до монополизација на формирањето институции дошло поради инсистирањето по секоја цена само двајца луѓе да дојдат на чело на институциите, алудирајќи на Кадри Весели и на Рамуш Харадинај, кој е кандидат на ПАН за премиер.
Хоти оцени дека Косово денес влегува во сериозна институционална криза и дека од денес веќе не може да се организираат конститутивни седници на Собранието пред да се разјасни законскиот пат во однос на правото на една политичка група да предложи претседател на Собранието. Тој изрази жалење што конституирањето на Собранието се претвори во ниска политичка трговија, а можеби и кривично дело на поедини луѓе вршејќи притисок врз одредени пратеници.
Конститутивната седница на Собранието на Косово започна на 3 август, и беше свикана четири пати, но не можеше да се одржи поради бојкотот од страна на пратениците на коалицијата ПАН.
На предвремените парламентарни избори на 11. јуни, коалицијата ПАН освои 39 пратеници, Движењето Самоопределување 32, а коалицијата ЛАА 29 пратеници. Малцинските субјекти имаат загарантирани 20 пратенички места, од кои 9 освои Српската листа, која ја поддржува Белград.
.