Adel Ömeragiç
03 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ПОДГОРИЦА (AA) - Албанија силно ја поддржуваше Црна Гора во текот на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, и зачленувањето на Црна Гора во Алијансата е историски настан, не само за Црна Гора, туку за целокупниот регион, порача денес во Подгорица премиерот на Албанија, Еди Рама, јавува Anadolu Agency (AA).
Рама престојува во официјална посета на Црна Гора, на покана на премиерот Душко Марковиќ. Двајцата премиери имаа низа билатерални состаноци, а порачаа дека меѓу двете држави нема отворени прашања.
Рама на заедничката конференција за медиумите ја поздрави ратификацијата на Протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО во американскиот Сенат.
Албанија силно ја поддржуваше Црна Гора во текот на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, и зачленувањето на Црна Гора во Алијансата е историски настан, не само за Црна Гора, туку за целокупниот регион, имајќи предвид дека со зачленувањето на Црна Гора во НАТО, фактички целокупниот брег на Јадранско-Јонското Море мора да биде зона на НАТО, рече Рама.
Тој го поздрави учеството на Албанците во политичкиот живот на Црна Гора.
„Охрабрен сум со фактот што премиерот на Црна Гора даде силен печат во соработката со Албанците во Црна Гора. Ние го поздравивме учеството на Албанците во владејачката коалиција“, рече Рама.
Тој порача дека двете Влади ќе ја интензивираат соработката во наредниот период и најави заедничка седница на Владите на Албанија и на Црна Гора.
„Одлучивме да организираме заедничка седница на владите на двете држави, како еден нов циклус на односи и обид да ги интензивираме и да ги подобриме економскиот и социјалниот живот на нашите граѓани, искористувајќи ги заедничките потенцијали, давајќи значење на прекуграничната зона на која тие припаѓаат. Нема дискусија дека остануваме соседи, нашите патишта се јасно одредени да бидеме рамо до рамо. Ова е неповратен пат, мислам дека нашата соработка ќе биде стратешка, во функција на нас и на нашите деца“, истакна Рама.
Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, рече дека двете држави немаат отворени прашања. Тој повика на јакнење на економските односи.
„Денешната посета на претседателот на Владата на Албанија е уште една потврда за добрите меѓусоседски односи меѓу Црна Гора и Албанија и силен поттик да работиме во иднина не само на зачувување на добрососедските односи, туку и на нивно унапредување“, рече Марковиќ. Тој најави формирање на економски комитет на двете држави.
Црногорскиот премиер Марковиќ рече дека верува оти Црна Гора и Албанија треба да бидат клуч на стабилноста во регионот.
„Се согласивме дека двете држави немаат отворени прашања, туку спротивно, дека поради искуствата што ги имавме во минатото, поради позицијата на претседателот Рама, можеме посилно да придонесуваме за стабилноста на регионот и за воспоставување на клучните алатки за стабилност и мир. Се договоривме да организираме заедничка седница на владите во октомври. Таа седница ќе биде во Скадар, и тоа е добар модел да работиме на квалитетни проекти и да бидеме поефикасни“, рече Марковиќ.
Црногорскиот премиер истакна дека очекува оти противниците на зачленувањето на Црна Гора во НАТО ќе организираат протести во Подгорица.