Malik Hasa
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, реагираше во врска со насилните настани што се случија во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение, Нишани вели дека со голема загриженост го следел насилството што се случи минатата ноќ во Собранието на Република Македонија, веднаш по изборот на новиот спикер на парламентот, Талат Џафери, и го изрази своето жалење поради фактот што ситуацијата им излезе од контрола на македонските безбедносни сили.
„Претседателот Нишани го осудува насилството извршено врз законодавците, особено оние од албанско потекло, и посакувајќи им брзо закрепнување на повредените, повика на политичка зрелост за смирување на состојбата и нејзино надминување“, се вели во соопштението објавено од албанското Претседателство.
Претседателот Нишани го поздрави изборот на Џафери на функцијата претседател на Парламентот, а ова го оценува како многу позитивен настан за меѓуетничките односи во Македонија, кој според него треба да бидат широко поддржани.
Претседателот Нишани во својата изјава, исто така, оцени дека обидите за поттикнување насилство со злоупотреба на меѓуетничките односи мора да бидат силно осудени бидејќи тие ја загрозуваат не само стабилноста и евроатлантската иднина на Македонија, туку и меѓудржавните односи и стабилноста на балканскиот регион во целина. Тој додаде дека целосното и брзо спроведување на Охридскиот договор, во сите негови елементи, ќе биде најдобра гаранција за меѓуетничката хармонија и соживотот во Македонија.
Во врска со инцидентите што се случија вчера во Собранието на Република Македонија, реагираа и Министерството за надворешни работи на Албанија, шефот на Собранието, Илир Мета, како и премиерот Еди Рама.