Ivana Ramadanova
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија во издаденото соопштение силно го осуди секој акт на насилство, вклучително и вчерашниот насилен инцидент во Собранието на Република Македонија, никако не смее да биде начин за справување со предизвиците, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Обидот за избор на претседател на Собранието вон процедурите пропишани со Уставот и законите на Република Македонија, како и со Деловникот во Собранието, беа повод револтирана група граѓани насилно да влезат во просториите на законодавниот дом. Тоа резултираше со неколку повредени лица, меѓу кои и членови на Парламентот. Со интервенција на органите на редот, сите пратеници се безбедно евакуирани, а ситуацијата е смирена“, се вели во соопштението на МНР.
Од министерството истакнуваат дека и синоќешното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов е во контекст на смирување на состојбите, додавајќи дека со интервенцијата на органите на редот, сите пратеници се безбедно евакуирани, а ситуацијата е смирена.
„Побара одговорно однесување од сите надлежни институции, кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Повика за итно одржување лидерска средба на челниците на политичките партии, со цел преку дијалог и преку институциите на системот, да се изнајде решение за политичката криза и за смирување на тензиите“, се наведува во соопштението.
Тие апелираат за поддршка на дијалогот меѓу политичките чинители во рамките на институциите, со целосно почитување на уставниот поредок, како единствен пат кон одржливо решение на политичката криза.
Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.
Министерство за внатрешни работи информираше дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници.