Балкан

САД и ЕУ се загрижени поради некоординираните акции на Владата на Косово во затворањето на паралелните српски институции

- Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан го повика косовскиот премиер Албин Курти да се координира со меѓународната заедница

Zylfije Adem Jakupi  | 31.08.2024 - Обновена : 31.08.2024
САД и ЕУ се загрижени поради некоординираните акции на Владата на Косово во затворањето на паралелните српски институции

ПРИШТИНА (АА) - Соединетите Американски Држави и Европската Унија го изразија своето разочарување од вчерашната акција на косовската влада во која беа затворени пет објекти на паралелни српски институции во северниот дел на Косово, известува Анадолу.

Европската унија денеска соопшти дека е разочарана од постојаниот недостаток на координација во акциите, кои ја загрозуваат кревката безбедносна ситуација на теренот. според ЕУ, акцијата на полицијата можела да доведе до дополнително ескалација на ситуацијата и затоа ЕУЛЕКС веднаш бил распореден на тие позиции за да го следи развојот на операцијата, која не била координирана со ЕУ и меѓународните партнери.

„ЕУ постојано го повика Косово да избегне каква било акција што може негативно да влијае врз безбедноста на луѓето на терен. За жал, Владата на Косово ги игнорираше нашите апели“, објавија претставници на Европската унија.

ЕУ најави дека очекува Косово и Србија да ги решат отворените прашања преку дијалогот и дека се очекува канцелариите што ги поддржува Србија да бидат опфатени и решени во дијалогот што го води ЕУ“.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан го повика косовскиот премиер Албин Курти да се координира со меѓународната заедница.

„Како што јасно е наведено во изјавата на американскиот амбасадор во Косово, САД се загрижени поради продолжувањето на некоординираните и провокативни дејствија од страна на Владата на Косово. Го повикуваме премиерот Курти и неговата влада да се консултираат и координираат со меѓународната заедница и да ги запрат некоординираните акции кои негативно влијаат на нашето партнерство“, рече О'Брајан.

Во реакцијата на американската амбасада во Косово, се оценува дека акциите во северниот дел на Косово се продолжение на некоординираните акции што ги презема Владата на Косово и кои и понатака имаат директно и негативно влијание врз српската заедница и другите малцински заедници во Косово.

„Соединетите Американски Држави и нашите меѓународни партнери во континуитет бараат од Владата на Косово да ѝ даде приоритет на координацијата со меѓународната заедница и да не презема еднострани дејствија за прашањата од агендата на дијалогот што се спроведува со посредство на ЕУ. Неуспехот на Владата на Косово да одговори на овие барања го одразува реалното и сѐ поголемото влошување на нашето партнерство“, се вели во реакцијата.

Амбасадата на САД посочи дека „некоординираната акција на Владата на Косово ги става во поголем ризик косовските граѓани и војниците на КФОР, непотребно ескалирајќи ги регионалните тензии и го поткопува угледот на Косово како меѓународно доверлив партнер“.

Амбасадата оцени дека Владата на Косово ја инструментализира полицијата и не го исполнува ветувањето за континуирана консултација и координација со меѓународната заедница. Исто така, констатирано е дека овие постапки на Владата на Косово ќе влијаат врз квалитетот и природата на соработката со Министерството за внатрешни работи и неговите подредени елементи.

Косовските власти вчера затворија пет српски паралелни институции на северот на Косово.

Министерот за локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, соопшти дека се затворени паралелни незаконски институции на локалната самоуправа, кои постапувале според директиви од Србија, кршејќи го Уставот и законите на Република Косово.

Красниќи наведе дека се затворени Косовско-митровичиот округ и паралелните општини Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Тој потсети и дека претходно беа затворени уште седум паралелни општини во Призрен, Пеќ, Сува Река, Исток, Клина, Ораховац и Драгаш.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.