Shpetim Hiseni
24 Јуни 2026•Ажурирано: 24 Јуни 2026
Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на јавната администрација, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари билатерална средба со министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија, Снежана Пауновиќ, пренесува Анадолу.
Како што се вели во соопштението од Министерството за јавна администрација, на средбата е потврден заедничкиот интерес за натамошно продлабочување на институционалната соработка и размена на искуства во областите од заемен интерес, особено во делот на професионалниот развој на административните службеници.
„Заедничката работна група, формирана со цел координација и реализација на активностите од Меморандумот, активно работи и бележи значителен напредок во повеќе области од заемен интерес. Резултатите што досега се постигнати претставуваат цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката“ истакна министерот Минчев.
Посебно внимание е посветено на унапредувањето на системот за обуки и градењето професионална, ефикасна и современа администрација. Во таа насока е нагласено значењето на искуствата и добрите практики на Националната академија за јавна администрација на Република Србија, која претставува препознатлив пример во регионот за систематски пристап кон континуираниот професионален развој на јавните службеници.
Во фокусот на разговорите беше и дигиталната трансформација на процесот на учење и обука. Беше разгледан напредокот во размената на искуства поврзани со системите за управување со учење (LMS), развојот на електронски модули и воведувањето современи дигитални решенија кои ќе обезбедат поголема достапност, ефикасност и квалитет на обуките во јавниот сектор.
Средбата уште еднаш ја потврди посветеноста на двете министерства кон практична и плодна соработка, која преку конкретни активности придонесува за јакнење на институционалните капацитети и за унапредување на квалитетот на јавните услуги во интерес на граѓаните на двете земји.