Zlatan Kapic
19 Јануари 2021•Ажурирај: 20 Јануари 2021
БИХАЌ, ЛИПА
Мигрантите сместени во кампот „Липа“, недалеку од Бихаќ, го започнуваат денот со перење на облеката и со бањање во ладната вода во блискиот поток, јавува Агенција Анадолија (АА).
Веќе во претпладневните часови, групи мигранти од правец на кампот се движат по замрзнатиот пат кон потокот, обвиени со ќебиња, со средства за основна лична хигиена во рацете.
БИХАЌ, ЛИПА (АА) - Мигрантите сместени во кампот „Липа“, недалеку од Бихаќ, го започнуваат денот со перење на облеката и со бањање во ладната вода во блискиот поток ( Samır Jordamovıc - Агенција Анадолија )
Во близина на потокот, недалеку од кампот, екипата на АА забележа кадри што ја одразуваат состојбата на мигрантите во ладните зимски денови во Босна и Херцеговина.
Тажниот израз на Лавли Пасин, во огледалото со површина од само неколку сантиметри во сина пластична рамка, говори многу повеќе од зборовите.
Овој четириесетгодишен Индиец во Босна и Херцеговина е веќе една година.
Целта му е, како што рече, да стигне до Европската Унија, конкретно до Италија. Во Босна и Херцеговина не сака да остане.
Амун Амед од Бангладеш престојува во Босна и Херцеговина околу три месеци.
Има 25 години и сака да стигне до Италија или Франција. И тој, како што вели, се упатил кон потокот каде што ќе се избања со надеж дека тоа нема да има последици по неговото здравје.
Ситуацијата во кампот „Липа“ со денови е непроменета. Новинарските екипи немаат пристап до шаторите на Вооружените сили на БиХ, поставени по неодамнешниот пожар во кој изгореа шаторите во кои мигрантите дотогаш престојувале.
Колони луѓе завиени во најтоплото што го имаат, од правец на кампот се движат кон блискиот поток и назад, а од одредени места се гледа чадот од оганот поради греењето по бањањето во ладната вода или пак, поради подготвувањето оброк.
Температурите на ова подрачје, недалеку од Бихаќ, во текот на ноќта достигнуваат и 15 степени Целзиусови под нулата.
Потполна функционалност на кампот, како што претходно е најавено, се очекува за околу три месеци.
Во кампот „Липа“ престојуваат повеќе од 700 мигранти. Европската Унија, чии граници се затворени за мигрантите, претходно упати предупредување до Босна и Херцеговина поради лошото менаџирање со мигрантската криза.
Локалните власти во повеќе наврати бараа рамномерна распределба на товарот од мигрантската криза на подрачјето на цела Босна и Херцеговина и зајакната контрола на источната граница.