Husamedin Gina
18 Јануари 2021•Ажурирај: 19 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по средбата со неговиот црногорски колега, Сергеј Секуловиќ, истакна дека воспоставувањето и продлабочувањето на меѓународната соработка е клучен предуслов за справување во борбата со илегалнатa миграција и трговијата со луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, денеска престојува во официјална работна посета на Северна Македонија, при што се сретна со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
По средбата Спасовски и Секуловиќ одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека Северна Македонија и Црна Гора се наоѓаат во период во кој е потребна уште поинтензивна соработка, министерот Спасовски рече дека партнерските и пријателските односи помеѓу двете држави ги обврзуваат нив како министри повеќе да ја продлабочат соработката и да бидат пример како треба да се соработува на балканските простори.
„Заклучивме дека воспоставувањето и продлабочувањето на меѓународната соработка е клучен предуслов за справување во борбата со илегалната миграција, трговијата со луѓе на регионално и меѓународно ниво“, нагласи министерот Спасовски.
Министерот Спасовски, исто така, истакна дека на денешната средба разговарале за практиките од терен, за предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и Европската Унија во насока на сузбивање на транснационалниот криминал, кој од ден на ден станува сè покомплексен и налага продлабочување на меѓународната соработка.
На заедничката прес-конференција, министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, рече дека оваа посета е со цел продолжување на добрата соработка и унапредување на соработката помеѓу двете министерства.
„Посетата има и друга многу подлабока симболична порака, а тоа е дека односите меѓу Црна Гора и Северна Македонија се добри, дека ни требаат добри односи во регионот, и дека Северна Македонија е успешна приказна со девизата општество за сите“, рече Секуловиќ.
Со изградбата на силни демократски институции и правна држава, како што рече министерот Секуловиќ, ја испраќаат пораката дека на Балканот е возможна мултиетничка демократија.