Admir Fazlagikj
16 Декември 2015•Ажурирај: 16 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - "Предизвикот кој произлегува од феноменот тероризам пред се заради неговата специфичност и комплексност а особено неговата поврзаност со екстремизмот и радикализмот бара суптилен приод со цел навремено детектирање на неговите појави и облици и развојни тенденции. Оттаму не изостанува постојаното преземање на мерки за безбедност за превенција и справување со актуелната кризна состојба вклучувајќи и ризици од тероризмот" , изјави министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски на денешната меѓународна конференција на тема "Миграции и прилив на бегалци во транзитните земји: безбедносни импликации“ во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика (ИГИНП) при Министерството за надворешни работи на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
Министерот Спасовски во своето излагање на меѓународната конференција, меѓу останатот истакна дека повеќе од 600 илјади бегалци и мигранти транзитирале низ Македонија од почетокот на бегалската криза до сега истакнувајќи ги можните безбедносни ризици од мигрантската криза потенцирајќи дека Република Македонија како императив во справувањето го има хуманиот аспект, но паралелно овој аспект го имаме и безбедносниот аспект за кој не постои компромис.
"Актуелните безбедносни ризици сега можеби се мали но потенцијалните ќе станат значителни доколку не одговориме соодветно на овој мигрантски и бегалски бран. Решенијата не можат да бидат еднострани туку заеднички, координирани и сеопфатни. Феноменот со кој се соочуваме нема граници, да ги заштитиме оние на кои им е потребна заштита но да ги заштитиме и нашите граѓани од потенцијалните безбедносни ризици" , додаде Спасовски.
На денешната меѓународна конференција присуствуваше и министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, кој истакна дека помеѓу земјите од регионот како и сите останати земји погодени од бегалската и мигрантската криза е потребна поголема соработка и подобра координација за соодветен и навремен одговор на бегалската криза.
Меѓу учесниците во официјалниот дел од конференцијата присуствуаа и Драгана Кирпијановска, заменик министер за надворешни работи, Абдулкадир Мемеди, директор на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика и Маргот Клестир-Лоефел, заменик-секретар на Централно Европската иницијатива (ЦЕИ).
Исто така, на денешната конферениција присуствуаат претставници на дипломатскиот кор во земјава, како и претставници на УНХЦР и друите организации коишто учествуваат во справувањето со бегалската криза.
Во рамките на конференцијата се потпиша и Меморандум за соработка помеѓу Регионалната иниијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) и Извршниот секретаријат на ЦЕИ.