Bekim Laci
09 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија гради своја светла иднина, а НАТО високо ја цени клучната улога на Скопје за промовирање на мирот и стабилноста на регионот полн со предизвици, е пораката на командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти, кој престојува во официјална посета на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако беше изведена показна вежба во касарната „Илинден“ во Скопје, заедно со делегацијата на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од страна на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, генералот Скапароти истакна дека преку долгогодишното партнерство со НАТО, земјата забележа голем напредок во реформите во одбраната и во воената интероперабилност со сојузниците, додека поканата за отворање на преговорите за членство во НАТО, според него, значи дека ги знаат нашите предизвици, но дека сè уште имаме многу работа.
Американскиот генерал рече дека со нетрпение чекаат да дадат практичен придонес за воените власти на земјата во процесот на зачленувањето.
„Целосно сме убедени дека решавањето на овие предизвици и успешното членство во Алијансата ќе бидат придружени со големи бенефиции за вас. Земјите кои се вклучени во Алијансата, успеале да ја зајакнат нивната демократија, да ја унапредат безбедноста и да го направат побезбеден животот на нивните граѓани“, додаде тој.
Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, нагласи дека посетата на американскиот генерал во Скопје е доказ дека брзо почнале да се менуваат нештата во Македонија по 11 јули, тогаш кога земјата доби покана за членство во НАТО.
Шеќеринска рече дека денес се домаќини на највисокиот воен претставник на НАТО во Европа, за кого ова е прва посета во земјата.
„Оваа засилена динамика ја манифестира цврстата решеност, Македонија во еден брз и интензивен процес да стане 30. членка на НАТО. Она што е многу важно во овој момент е тоа, две и пол децениската определба на граѓаните на Македонија за членство во НАТО да ја потврдиме и да ја обезбедиме, а како Влада и како Министерство за одбрана правиме сè да обезбедиме непречено одвивање на овој процес“, изјави Шекеринска.
Во текот на денот, генералот Скапароти беше пречекан на средба од страна на премиерот на Македонија, Зоран Заев.