СКОПЈЕ
Адмир Фазлагиќ
Колку само еден момент во човечкиот живот може да ги смени нештата и да ја разбуди хуманоста во луѓето покажува животната приказна на скопскиот бербер Февзи Али, што во изминатите денови го привлече вниманието кај пошироката јавност, поради неговата доблест да го споделува она што го има со оние на кои помошта им е најпотребна.
Тој е бербер по професија, занаетот го научил од татко му, а потекнува од турско семејство од Скопје.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА) Али говори за хуманоста, добрината, задоволството да им се помага на луѓето и да се има несекојдневен пристап кон нив, но и кон животните.
Овој скопски бербер ѝ се посветил на хуманоста пред околу шест години, кога, како што раскажува, се случил голем пожар во зграда во скопската населба Чаир, каде што и живее, а овој момент кај него се разбудила свеста да им помага на луѓето.
„Од 2014 официјално почнав да помагам, имав голем пожар во семејството, во зградата во која има 32 стана, 10 стана беа изгорени и две недели бев на токсикологија, една недела не знаев каде сум, бев со исечена нога, крв немав во телото, бев онесвестен и од мртвите се вратив во живите. Тогаш, дадов збор на Господ, потоа на себеси, сакам сега додека сум жив да помагам. Седумнаесет години сум во брак, деца немам, и би сакал на секое дете што е гладно да му помогнам, во државата, во градот и во другите држави“, раскажува Али.

Во животот добил можност да работи и да печали пари во австриската престолнина Виена, кога како бербер пред неколку години отишол во посета на роднина, кој исто така е бербер по професија, каде што по некое време работел во фризерски салон. Со текот на времето, таму запознал луѓе од сите балкански држави, но и од Турција, и со својот труд и знаење по неколку години успеал да заработи пари со кои купил џип (BMW X5), но по одредено време одлучил да го продаде и парите да ги насочи во хуманитарни цели, помагајќи им на луѓето во потреба.
„Пред осум месеци имав можности, имав мои финансиски средства, затоа и го продадов џипот. Имав два џипа, едниот го продадов бидеќи Господ ме врати од мртвите. Со тие пари дневно трошев по 10.000 - 15.000 денари. Пред дуќан ми доаѓаа по 20-30 фамилии секој ден. Луѓето ме прашуваат од каде имаше толку пари? Затоа сега, по осум месеци, кажувам дека сум имал можности да помогнам, имав мои средства и нешто што заработив во Виена и тие пари почнав да ги трошам“, вели берберот Али, кој додава дека сега поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19) работата е намалена, но се труди да им помага на луѓето.
Хуманост во време на Ковид-19
Али не се откажува од својата желба за помагање на луѓето во потреба и споделувањето на она што го има и во време на Ковид-19. Тој и во овој период, како што вели, дневно обезбедува храна за најмалку две-три семејства, кои со помошта што им ја дели имаат храна и основни артикли за околу една недела.
Според него, храната и хигиената се најважни, поради што, освен храна, на оние што немаат финансиска можност се обидува да им обезбеди маски, течен сапун, детергенти за перење алишта и за миење садови, а за најмалите деца обезбедува млеко и средства за хигиена.
Пораката на овој хуманитарец до луѓето е во време на оваа криза првин да се обрне внимание на посиромашните луѓе, кои немаат услови за живот и за задоволување на основните потреби.
Со цел да допре до повеќе луѓе, отворил група и на социјалната мрежа Фејсбук наречена „Биди Али“.
„Не делам по вера или нација. Може секој да помогне. Поентата ми беше како муслиман првин, сакам да им помогнам на сите вери, да не гледам овој бил муслиман, овој бил православен, овој бил Евреин или католик... Оти џенет (рај) и џехенем (пекол) има за сите“, смета Али.

„Животните не зборуваат, но чувствуваат кој е добар“
Освен на луѓето, овој хуманитарец им помага и на животните, а најмногу на кучињата и птиците пред неговиот берберски салон. Со нив, како што вели, се разбира со „јазикот на разумот“, бидејќи, според него, и животните имаат свој начин на разбирање на луѓето.
„Животните не зборуваат, но чувствуваат кој е добар, а кој не е добар. Имаат чувство. Птиците се вртат. Штом ќе излезам од дуќан излегуваат птиците, тоа е божја дарба“, вели Али.
Со своите добри дела Февзи ја потврдува народната поговорка дека богатството на луѓето е во нивната дарежливост, а според неговото мислење, хуманоста е гаранција за еден човек да живее мирно.
„Радоста во очите на децата нема цена“
За неговата хуманост Али објаснува дека слушнале многу луѓе, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој во понеделникот, на 26 октомври, го прими на средба во неговиот кабинет.
„Претседателот Пендаровски оддаде признание за активизмот, хуманоста и солидарноста на Февзи и изрази очекување дека неговата работа ќе биде пример за други поединци, организации и општествено-одговорни компании, согласно можностите, да помогнат на оние што се најмногу погодени од кризата по почетокот на пандемијата“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски по средбата со хуманитарецот Февзи.
Во разговорот за АА, Али рече дека досега институционална помош сè уште не добил од никого, како и дека во неговата хумана мисија му помагаат неговите пријатели и муштерии во берберскиот салон. Февзи изрази надеж дека по средбата со претседателот на државата ќе добие поддршка за реализација на неговата идеја да обезбеди хуманитарна социјална кујна во која ќе бидат вработени самохрани мајки, кои со оваа работа би можеле да обезбедат егзистенција за нивните деца.
За крајот на разговорот порачува дека најмногу го исполнува кога со своите хумани дела придонесува децата да бидат среќни и радосни.
„Пред сè радоста на децата кога ќе им дадам нешто, чоколадо, млеко... Таа радост што ја имаат во очите, тоа нема цена“, потенцира Али.