Zülfiya Yakup
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Денешната вонредна седница на Собранието на Косово, на која се разговара за нацрт-законот за ратификација на договорот за државната граница меѓу Косово и Црна Гора беше прекината поради недостаток на национален консензус и ќе продолжи во среда, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата не присуствуваа пратениците на „Српска листа", додека пратениците на опозициското Движење „Самоопределување", повторија дека нема да гласаат за демаркација со Црна Гора, бидејќи според нив Косово губи повеќе од 8.000 хектари земјиште.
Вонредната седница на Собранието на Косово беше закажана за вчера, но беше одложена за денес, бидејќи не беа обезбедени потребните 80 гласа за ратификација на договорот за демаркација. За ратификација на меѓународен договор потребно е двотретинско мнозинство пратеници, а владејачката коалиција има 61 глас. Движењето „Самоопределување" има 32 членови, а „Српската листа" десет, така што без нивните гласови демаркација не може да се изгласа.
Предлогот вонредната седница да продолжи во среда беше изнесен по консултации со шефовите на парламентарните групи, со цел да се добие во време за усогласување на ставовите на документите за кои ќе се гласа. По половина час пауза, Глаук Коњуфца шеф на парламентарната група на опозициското Движење „Самоопределување", вели дека за неговата партија се погрешни ставовите и на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) и Владата на Косово.
ЛДК денес во првиот дел од сесијата побара со Договорот за демаркација на границата со Црна Гора да не се гласа и за извештајот на Државната комисија која премиерот Рамуш Харадинај ја формираше по доаѓањето на чело на Владата.
Тој извештај, наведува ЛДК, констатира дека имало грешки во утврдувањето на граничната линија и со тоа е во спротивност со договорот потпишан 2015 година со Црна Гора. Додека премиерот Харадинај и неговата Алијанса за иднината на Косово, инсистираат да се гласа и за извештајот на Комисијата.
Вонредната седница беше свикана на барање на премиерот Харадинај, откако Владата на Косово во вторник ги усвои измените за дополнување на нацрт-законот за демаркација во согласност со Анекс-договорот на претседателот на Косово и Црна Гора од петокот, а која предвидува можност за корекција на претходниот договор во случај во насока на Чакор и Куле да се направени грешки.
Собранието на Црна Гора веќе го ратификуваше тој договор, додека опозицијата во Собранието на Косово, чиј дел беше и Рамуш Харадинај, со насилство и солзавец спречи ратификација на тој договор. Ратификацијата на демаркацијата со Црна Гора покрај борбата против корупцијата е преостанатиот услов за либерализација на визите на граѓаните на Косово.