Zülfiya Yakup
28 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
ПРИШТИНА (АА) - На продолжението од вонредната седница на Собранието на Косово на која ќе се разгледува нацрт-законот за ратификација на Договорот за државната граница меѓу Косово и Црна Гора, поголемиот дел од пратениците го усвоија предлогот да се избегне собранискиот правилник и предложениот нацрт-закон да се разгледа по забрзана процедура, јавува Anadolu Agency (AA).
Против предлогот на Кадри Весели, претседателот на Собранието на Косово, да се работи по забрзана постапка единствено беше опозициското дижење „Самоопределување“. Шефот на пратеничкиот клуб на тоа движење, Глаук Коњуфца, изјави дека неговата партија смета дека овој договор за демаркација треба целосно да се повлече од собраниска процедура, бидејќи имало многу грешки во работата на Државната комисија при одредувањето на граничната линија со Црна Гора.
Авдулах Хоти, шеф на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз (LDK) потоа побара според договорот со владејачките партии постигнат за време на викендот, да се изврши хармонизација на членот 3 од нацрт-законот за државната граница меѓу Косово и Црна Гора. Измената би значела гласање само за Договорот за државна граница меѓу Косово и Црна Гора од август 2015 година, додека за пратениците би била додадена и заедничката изјава на двајцата претседатели, Тачи и Вујановиќ, како и извештајот на Државната комисија за означување на границите со Црна Гора.
Претседателот на Собранието, Весели, потоа побара пауза, со цел Комисијата за законодавство да може да ги изврши бараните измени.
Десет пратеници на пратеничката група „Српска листа“ кои соопштија дека нема да гласаат за демаркацијата со Косово, не присуствуваат во собраниската сала. За ратификација на меѓународниот договор потребни се 2/3 од гласовите или 80 од 120 гласа, а владејачката коалиција има 61 глас. Сѐ уште не е сигурно дали ќе има доволен број гласови за усвојување на демаркацијата.
Вонредната седница на Собранието е свикана по барање на премиерот Рамуш Харадинај, откако Владата на Косово минатата недела ги усвои измените и надополнувањата на нацрт-законот за демаркација во согласност со анекс-договорот на претседателите на Косово и Црна Гора, кој предвидува можност за корекција на претходниот договор во случај во правецот на Чакор и Кула да се направени грешки.
Собранието на Црна Гора веќе го ратификуваше споменатиот договор, додека опозицијата во Собранието на Косово, чиј дел беше и сегашниот премиер Рамуш Харадинај, со насилство и солзавец го спречија ратификувањето на овој договор. Ратификувањето на демаркацијата со Црна Гора, покрај борбата против корупцијата, е преостанатиот услов за визна либерализација на граѓаните на Косово.