Abdula Berisha
18 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Премиер на техничката влада на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржаа прес-конференција по повод членството на Северна Македонија во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи ја сериозната состојба со коронавирусот „Ковид-19“, премиерот Спасовски рече дека ова нема да ги запре важните процеси што се стратешки цели на Северна Македонија.
„Сите наши партнери и сојузници, сите 29 земји членки на НАТО и формално ја прифатија Република Северна Македонија за 30-та земја членка. Вчера Сенатот на Кралството Шпанија, само за оваа причина, за прв пат во својата историја, гласаше електронски преку видео конференција и го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО“, рече Спасовски.
Тој рече дека и покрај тешката состојба со коронавирусот, овој чин заслужува честитки и признанија до сите државници од осамостојувањето на земјата.
Спасовски рече дека шпанскиот документ за ратификација ќе биде доставен до Стејт департментот на САД, по што Северна Македонија ќе го депонира и својот ратификуван документ со кој официјално ќе „се запечати нашето полноправно членство во алијансата на НАТО“.
„Република Северна Македонија е 30-та членка на НАТО. Почитувано граѓани на Северна Македонија, денеска со полно право можете да бидете горди", рече премиерот Спасовски.
Вицепремиерката Шекеринска им честиташе и на припадниците на војската на земјата, велејќи дека за да стане 30-та членка на алијансата на НАТО, Северна Македонија донесе многу тешки одлуки.
Вицепремиерот Османи рече дека покрај членството во НАТО, Северна Македонија е пред одлуката за започнување преговори со ЕУ, со што според него, ќе се постават темелите за стабилна, предвидлива и просперитетна иднина.
Министерот Димитров истакна дека заокружувањето на процесот на ратификација што започна со Грција и заврши со Шпанија, значи поголема безбедност, стабилност и просперитет на земјата и граѓаните.