Fatjon Cuka
17 Декември 2025•Ажурирај: 17 Декември 2025
ТИРАНА (АА) - Министерката на Албанија за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали, ја продолжува својата официјална посета на Грција каде што се сретна со грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас, пренесува Анадолу.
Во врска со средбата, Спиропали на социјалните мрежи нагласи дека односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат „врз основа на заеднички стратегиски интереси“.
„Со министерот за одбрана Никос Дендијас за долгорочна соработка како две земји партнери на НАТО што активно придонесуваат за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот, Европа и пошироко. Нашите односи ќе продолжат да се развиваат врз основа на заеднички стратегиски интереси, преку агенда на иницијативи фокусирани на нашите народи, водени од заедничка европска перспектива“, напиша таа.
На првиот ден од посетата министерката Спиропали се сретна со грчкиот претседател Константинос Тасулас и со министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис.
Според соопштението на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, денес Спиропали ќе се сретне и со амбасадори на различни земји и со претставници на бизниси и претпријатија што работат на линијата Албанија - Грција.