Балкан

Србија: Меѓу уапсените за трагедијата во Нови Сад и поранешниот министер Горан Весиќ

Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во Владата на Србија на 5 ноември, пет дена по трагедијата во Нови Сад во која загинаа 15 лица

Dejan Maksimovic  | 21.11.2024 - Обновена : 21.11.2024
Србија: Меѓу уапсените за трагедијата во Нови Сад и поранешниот министер Горан Весиќ

БЕЛГРАД (АА) - Српските медиуми утринава објавија дека Горан Весиќ, поранешен министер за градежништво на Србија, е меѓу 11 уапсени лица поради уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, пренесува Анадолу.

Се наведува дека покрај Весиќ, уапсени се и Јелена Танасковиќ, вршител на должноста генерална директорка на акционерското друштво „Железничка инфраструктура на Србија“, и Анита Димовски, вршител на должноста помошник на министерот за железнички и интермодален транспорт.

Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во Владата на Србија на 5 ноември, пет дена по трагедијата во Нови Сад во која загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени и сѐ уште се борат за живот.

Тој во оставката наведе дека поднел оставка како одговорен човек, кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија постои морална одговорност поради страшната трагедија што се случи во ресорот со кој раководи.

„По повод трагичниот настан што се случи на 1 ноември 2024 година во Нови Сад, кога дојде до уривање на натстрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, во кое животот го загубија 15 лица, а две лица се во животна опасност, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја извести јавноста дека по прибирањето и деталната анализа на целата потребна документација, извршените разговори со голем број граѓани и по извршеното вештачење за утврдување на причините и околностите во кои се случило уривањето, доставени до обвинителството на 20.11.2024 година, а по запознавање со наодите и мислењето на вештакот од градежната струка, по налог на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, на 21.11.2024 година уапсени и задржани се вкупно 11 лица“, се наведува во утринското соопштение на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.