Kristina Maslareviç
17 Март 2016•Ажурирај: 18 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Вториот ден од посетата на Србија, принцот Чарлс и војвотката Камила го посетија Нови Сад, каде што во Католичка порта беше откриена меморијална плоча на британските хуманитарни работници, а во таа пригода принцот Чарлс рече дека во Србија се чувствува прекрасно, јавува Anadolu Agency (АА).
Брачниот пар пред Католичка порта пристигна во придружба на градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, а ги дочека британскиот воен аташе, полковникот Сајмон Фигибон, додека на плоштадот пред портата нивното пристигнување го очекуваа стотина граѓани.
Принцот Чарлс со сопругата Камила го посетија и импровизираниот пазар со народни ракотворби, а по Католичка порта се упатија во посета на Матица српска, каде што ќе разговараат со кустосите и децата кои учествуваат во проектот "Moving Museums" во организација на Британскиот совет.
Принцот од Велс ќе го посети и манастирот Ковиљ а војвотката Камила ќе биде гостинка на настанот "Food is great", на кој ќе бидат претставени локални специјалитети, а ќе се сретне и со производителите на храна и пијалоци од Велика Британија кои работат во Србија.
На крајот на посетата на Србија, по враќањето во Белград, тие ќе бидат почесни гости на приемот во Народното собрание на Србија, каде се поканети луѓе од културниот, јавниот и спортскиот живот, во таа пригода престолонаследникот Чарлс ќе има свое обраќање, единственото планирано обраќање на регионалната турнеја.
Во рамките на регионалната турнеја, принцот од Велс и војвотката од Корнвил, пред Србија, беа во посета на Хрватска, а од Белград ќе отпатуваат во посета на Косово и Црна Гора.