Mustafa Talha Öztürk
13 Септември 2021•Ажурирај: 15 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека Србија планира да инвестира 6 милијарди евра во проекти за модернизација на нејзиниот железнички сообраќај, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ана Брнабиќ рече дека планираат да ја поврзат модерната железница со земјите од регионот и Европската Унија.
„Најважните проекти се брзата железница Белград - Будимпешта, во која се инвестирани 2 милијарди евра, и железничкиот Коридор 10, во кој, со поддршка на ЕУ, Европската банка за развој и инвестицискиот фонд за Западен Балкан, (други) 2 милијарди евра ќе бидат инвестирани“, рече Брнабиќ на прес-конференција во Железничката станица во белградскиот центар.
Брнабиќ додаде дека Србија ќе инвестира 6 милијарди евра во проекти, а земјата сега развива документација за проектот со помош на ЕУ.
„Железничкиот превоз е, покрај водата, најважниот начин на транспорт, и ние инвестиравме повеќе од 600 милиони евра од 2014 година“, рече Брнабиќ.
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ, рече дека политиката на Србија е иницијативата „Отворен Балкан“ и граници без бариери, така што економијата и луѓето да се движат непречено и слободно.
„Железниците се наметнуваат како транспортен систем на иднината. Само железниците можат да обезбедат мобилност, климатска неутралност, енергетска ефикасност и безбедност, и затоа мора да ги направиме нашите железнички компании многу поефикасни“, рече Момировиќ.
Меѓународниот воз „Конектинг Јуроп експрес“ пристигна на железничката станица во белградскиот центар, а со тоа е означен почетокот на железничкиот самит Западен Балкан 2021 година што треба да се одржи денес во Белград.