23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора и Босна и Херцеговина немаат отворени политички прашања, а можноста за заедничко дејствување на двете држави во делот на промоцијата на туризмот може да биде одлична можност, порачано е денеска на состанокот на премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, јавува Анадолу.
Конаковиќ престојува во официјална посета на Црна Гора, каде што разговара со највисоките државни претставници.
Абазовиќ по состанокот изјави дека односите меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина се за пример.
„Сигурен сум дека во наредниот период ќе ги оствариме заедничките интереси, а тоа се развивање на добрососедски односи, развој на европската перспектива на целиот регион. На состанокот разговаравме за повеќе теми кои се значајни за граѓаните на нашите две држави. Стана збор за проекти поврзани со енергетиката, како и со инфраструктурата, и тоа е нешто што е најзначајно. Ние немаме отворени политички прашања“, рече Абазовиќ.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Конаковиќ, се заблагодари за срдечниот пречек и истакна дека Црна Гора и Босна и Херцеговина немаат отворени политички прашања.
„Имаме потпишан договор за границата. Ние сме во мисија во која се обидуваме на вистински начин да ја искористиме географската положба на Босна и Херцеговина. Нашата мисија е да бидеме место на спојување, и во тој простор гледаме заеднички шанси за нашите две држави, на европскиот и евроатлантскиот пат, и за тоа некои искуства на Црна Гора можат да ни помогнат. Можеме заеднички да настапиме во промоцијата на туризмот. Сето тоа го правиме во време кога луѓето си заминуваат од нашите простори, пред сѐ кон Западна Европа, и тоа е еден голем предизвик“, истакна Конаковиќ.
Тој синоќа се сретна со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, а денеска разговара и со потпретседателот на Владата, Ервин Ибрахимовиќ.