Abdula Berisha
23 Септември 2024•Ажурирај: 24 Септември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, е во официјална посета на Северна Македонија, каде што со високи државни и воени почести беше примена од нејзиниот колега од Северна Македонија, Африм Гаши, јавува Анадолу.
Гаши и Спиропали остварија тет-а-тет средба, а потоа беше одржана и средба меѓу делегациите.
Спиропали се потпиша и во Книгата на впечатоци, а потоа беше одржана заедничка прес-конференција.
Гаши рече дека оваа посета претставува можност да се пренесе пораката дека пријателството и соработката што постои меѓу двете земји треба да се зајакне и уште повеќе да се унапредува во иднина.

„Двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа е да станеме членки во Европската Унија, да соработуваме уште повеќе во областа на одбраната во рамките на НАТО алијансата и да ја продлабочиме регионалната соработка. Мислам дека тоа е можно имајќи предвид дека нашите општества сѐ повеќе созреваат и има повеќе политичка волја и простор за интензивирање на соработката“, рече Гаши.
Спиропали во својот говор истакна дека нивото на односите меѓу двете земји е одлично, додавајќи дека двата парламента треба да послужат како инструменти на дијалог што влијаат врз натамошното зближување меѓу двете држави.

„Во Албанија се посветува посебно внимание на сите случувања во Северна Македонија токму поради посебното значење со кое ги третираме овие односи“, порача Спиропали, изразувајќи подготвеност да се продолжи со дијалогот за доброто на граѓаните.
Спиропали во Собранието на Северна Македонија се сретна и со претставници на опозицијата, меѓу кои Али Ахмети, претседател на ДУИ и Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Исто така, во агендата на Спиропали за време на престојот во Северна Македонија е предвидена и средба со премиерот Христијан Мицкоски, како и посета на Музејот на Битолскиот конгрес, објект во кој во 1908 година се одржа конгресот за стандардизирање на албанската азбука.