Zylfije Adem Jakupi
20 Јули 2020•Ажурирај: 20 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска го прими лидерот на обединетата опозиција на Албанија, Љуљзим Баша, со кого разговараше за предизвиците на пандемијата на Ковид-19, мерките за обнова на економијата, како и за дијалогот на Косово и Србија со посредство на Евопската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадоија (AA).
Премиерот Хоти на заедничката прес-конференција истакна дека е разменета загриженост во врска со ситуацијата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и последиците по економијата.
„Детално го известив за активностите што ги преземаат нашите здравствени експерти за решавање на ситуацијата со Ковид-19, која за среќа, во последните денови почнавме да ја ставаме под контрола. Го информирав за активностите што ги преземаме за да им помогнеме на претпријатијата и граѓаните во богатата програма за економско закрепнување и за процесите од национално значење, како што е процесот на дијалогот“, рече Хоти.
Косовскиот премиер негираше дека ќе има технички дијалог со Србија, туку само политички, за конечен договор со взаемно признавање. Тој истакна дека во четврток во Брисел во име на Косово ќе биде координаторот на Владата за процесот на дијалог, кој наскоро ќе биде назначен.
Лидерот на обединетата опозиција на Албанија, Љуљзим Баша, кој денес ја започна дводневната посета на Косово, го поздрави продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија. Изрази целосна поддршка од неговата Демократска партија и обединетата опозиција на Албанија, на принципиелниот пристап „кој може и ќе има само една завршница, взаемно признавање меѓу Република Косово и Република Србија.“
Баша изрази загриженост поради пандемијата на коронавирусот, пофалувајќи ги мерките на Владата на Косово за обнова на економијата, по кое, како што рече, предничи во регионот. Тој нагласи дека економската ситуација во Албанија како последица на пандемијата е исто така тешка, и нагласи дека спроведувањето на економските мерки на Косово треба да биде пример и за Албанија.
Тој му се заблагодари на Хоти и за разговорот за иднината на односите меѓу Косово и Албанија, кои, како што истакна, може да бидат уште подобри бидејќи има многу неискористен потенцијал.
„Една од моите први одлуки како премиер избран на следните избори во Република Албанија ќе биде укинување на таксите на националниот пат. Неправедна одлука која штети на косовската економија и на економијата на Албанија и ја успорува економската размена и шансите за координација на економските фактори во нашите две земји“, рече Баша.
Баша ќе оствари средби со сите највисоки челници на косовските институции, како и со лидерите на политичките партии и градоначалниците на Приштина и Митровица.