Fatjon Cuka
19 Мај 2026•Ажурирај: 19 Мај 2026
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, го прими на средба црногорскиот колега Ервин Ибрахимовиќ, при што албанскиот шеф на дипломатијата изјави дека Албанија и Црна Гора имаат изградено вистински модел на добрососедство и регионална соработка, јавува Анадолу.
По средбата, министерот Хоџа и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ибрахимовиќ дадоа заедничка изјава во Тирана.
- Хоџа: Албанците во Црна Гора и црногорското малцинство во Албанија остануваат силни мостови меѓу двете земји
Министерот Хоџа изјави дека оваа посета има посебно значење бидејќи се одржува на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и истовремено со 20-годишнината од повторното воспоставување на независноста на Црна Гора.
„Во текот на овие две децении Албанија и Црна Гора имаат изградено, со заедничка волја, вистински модел на добрососедство и регионална соработка. Денес тесно соработуваме како пријателски земји, како партнерски земји, како сојузници во НАТО, во широк спектар на области, на билатерален, регионален и мултилатерален план“, изјави Хоџа.
Тој додаде дека размислуваат во соодветен момент повторно да ги активираат заедничките меѓувладини состаноци.
Хоџа истакна дека Албанците во Црна Гора и црногорското малцинство во Албанија остануваат силни мостови меѓу двете земји и драгоцено богатство на односите. Тој додаде дека Албанија високо ја цени блиската соработка со Црна Гора и „конструктивната улога што двете земји ја играат за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан“.
Истакнувајќи дека Албанија и Црна Гора денес се сметаат за водечки земји во процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ), Хоџа рече дека за Албанија напредокот на патот кон ЕУ се оценува врз основа на конкретни резултати.
- Ибрахимовиќ: Односот меѓу Црна Гора и Албанија е одличен, базиран врз принципите на добрососедство
Министерот Ибрахимовиќ изјави дека уште еднаш потврдиле дека Албанија и Црна Гора се поврзани не само географски туку и со пријателство, доверба и заедничка визија за развој и просперитет на двете општества.
„Односот меѓу Црна Гора и Албанија е навистина многу добар и одличен, базиран врз принципите на добрососедство, но и врз соработка, кои веќе се зајакнати со сојузништвото во НАТО и заедничката соработка и европската визија. Денес од Тирана праќаме јасна порака дека Црна Гора и Албанија не се само соседи туку партнери со заедничка одговорност за стабилноста, безбедноста, мирот и европската иднина на регионот“, изјави тој.
Ибрахимовиќ додаде дека Црна Гора силно ја поддржува интеграцијата на целиот Западен Балкан во ЕУ и нагласи дека целта е членство на Црна Гора во ЕУ до 2028 година.
„И Црна Гора и Албанија како земји кандидати за ЕУ се во целосна согласност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Црна Гора и Албанија продолжуваат со интензивната соработка“, изјави Ибрахимовиќ.