Admir Fazlagic
20 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Основниот суд Скопје 1 му одреди 30-дневен притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој вечерва е приведен во истражниот затвор во Шуто Оризари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Судот информираат дека Мијалков е притворен по барање на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) поради опасност од бегство, а судија на претходна постапка попладнево му одредил мерка притвор од 30 дена.
Мерката притвор на Мијалков му е одредена за предметот „Тврдина-Таргет“, каде што тој е главен обвинет за нелегално прислушување на илјадници граѓани на Република Македонија.
Освен за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешниот шеф на УБК е обвинет и во неколку случаи на СЈО, како „Трезор“, „Тортура“ и „Титаник 2.“
Истрагата за предметот „Тврдина“ отворена е на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година. Поради нивната поврзаност се споени во еден предмет.
Во предметот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.