Zülfiya Yakup
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ПРИШТИНА (AA) - Министерката за дијалог во Владата на Косово, Едита Тахири побара од ЕУ да интервенира и да ги запре деструкциите на Србија кон Косово, откако синоќа во Северна Митровица со бомба беше нападнат објект во кој кон крајот на декември започна со работа канцеларијата на Владата на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Тахири во писмо испратено до Европската Унија наведе дека со бомба е нападнат објектот во кој како цивилни службеници се вработени поранешните припадници на цивилната заштита, што е во склад со Бриселскиот договор потпишан во март 2015.
„Вас, во ЕУ редовно ве известував за серијата негативни случувања во последните недели, кои имаат за цел провокација и дестабилизација на ситуацијата на Косово, и пошироко во регионот“, напиша Тахири.
Според нејзиното мислење, Србија изгледа се повлекува од дијалогот и се враќа на старите размислувања, бидејќи оди против договорот што самата го потпишала: „дури и со бомби, sидови, со произволни апсења против граѓаните на Косово“.
Тахири потсети дека е на ред примената на договорот за правосудство и запраша кои средства ЕУ ќе ги примени кон Србија за да се спроведе договорот.
Како што е соопштено од Владата на Косово, Тахири од ЕУ побара сериозно да ја сфати ситуацијата и да интервенира кај српската страна да остане на линијата на дијалогот за нормализација на односите, бидејќи во спротивно последиците би можеле да бидат непредвидливи.
„На крајот, дури и српскиот политички дискурс ескалираше до највисоко ниво, а Милорад Додик стана портпарол на сценариото за промена на границите“, напиша Тахири.
Во соопштението се додава дека Тахири од ЕУ веднаш добила одговор во кој се нагласува дека ЕУ останува сериозно ангажирана на унапредувањето на дијалогот со цел мир и добрососедски односи меѓу земјите од Западен Балкан, како и дека негативните случувања треба да се запрат.