Admir Fazlagic, Almir Terzic
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со измерени -21 Целзиусови степени, главниот град на Македонија, Скопје, втор ден по ред е најстуден во регионот, а денеска и во цела Европа. Во Македонија и утрово температурите се многу ниски, а дневните ќе се движат од минус четири до пет степени. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), пораст на температурата ќе има од петок, jавува Anadolu Agency (AA).
Во скопски Петровец и Берово утрово е најладно – измерената температура изнесуваше -21 Целзиусов степен. Минимални -20 се измерени во Битола, -19 во Тетово, -18 Куманово, Демир Капија и Штип, -17 во Струмица, -16 во Скопје – Зајчев Рид и Прилеп, -15 во Крива Паланка, -14 во Виница, Дебар и Пожаране, -13 во Тополчани и Ѓуриште, -12 во Маврово и Гевгелија, -10 во Лазарополе, -9 во Крушево, -8 во Претор и -7 во Дојран и Охрид.
Времето во Македонија ќе биде многу студено, а преку денот претежно сончево, со пораст на дневните температури. Утринската температура ќе се движи од минус 20 до минус девет, а дневната од минус четири до пет степени.
- Студениот бран продолжува во регионот
Со измерени -13 степени, втор ден по ред Сараево е втор најстуден главен град во регионот. Меѓу постудените главни градови утрово беше и Белград, со измерени минус 9 Целзиусови степени, како и Подгорица, каде што беа измерени минус седум Целзиусови степени. Во главниот град на Словенија, Љубљана утрово беа измерени -5 степени, во Тирана -2, додека во Загреб утринската температура изнесуваше 1 степен Целзиусов.
Подрачјето на Западен Балкан, односно југоисточна Европа и понатаму е најстуден дел од европскиот континет. Така, во главните градови на Романија и Бугарија се измерени по минус 16 Целзиусови степени.
Во средна Европа, која вчера со југоисточниот дел на континентот беше најстуденото подрачје, дојде до постепено затоплување во северозападните делови.
Температури над нулата се забележани во главниот град на Австрија, Виена, каде што се измерени три степени Целзиусови, и во главниот град на Чешка, Прага, каде шо беа измерени два степена.
Истовремено, и понатаму е студено во Словачка и во Унгарија. Во Братислава утрово се измерени -7 Целзиусови степени, а во Будимпешта -9.
Но, уште поладно беше во другите делови на средна Европа. Така во австрискиот Грац беа измерени -10, а во словенечкиот град Марибор -11.
Интересно е тоа што температурите во југоисточниот, но и во средниот дел на Европа веќе со денови се пониски од главниот град на Русија, Москва, каде што беа измрени минус 10 Целзиусови степени.
Главниот град на Италија, Рим, со утринските три Целзиусови степени над нулата беше постуден од Цирих, Швајцарија, каде што се измерени четири Целзиусови степени.
И во Женева утринската температура беше над нулата. Во овој град се измерени два степена над нулата.