Zülfiya Yakup
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес изјави дека никој не може да стави вето на формирањето на косовската армија, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи гостуваше на форумот „Зборувај отворено“, во организација на невладината организација Движење ФОЛ (Зборувај), каде што рече дека сега се прават последните напори да се добие поддршката и на „Српската листа“ за трансформација на Безбедносните сили во војска.
Претседателот на Косово истакна дека е неопходно Косово да основа војска за да може да се приклучи во НАТО, и дека косовските институции се свесни за важноста на зачувувањето на односите со меѓународните партнери.
Тој додаде дека ова е можно, имајќи предвид дека сите партнери се согласуваат оти Косово треба да има армија, а дека единствената разлика е во тоа на кој начин, уставно или законски.
„Сега и нашите стратешки меѓународни партнери, САД и НАТО ја потврдија својата подготвеност да им помогнат на нашите институции во сериозните напори да се обезбеди поддршка на сите заедници на Косово, особено на српската заедница во процесот на трансформација на БСК преку промени на Уставот“, рече Тачи.
Бидејќи за уставните измени е потребна согласност од српската заедница, што досега беше невозможно, Тачи рече дека ќе ги обнови разговорите со „Српската листа“, со цел да се добие нивната поддршка.
„Повторувам дека јас би сакал таквата животна и возвишена цел да биде поддржана од страна на сите заедници на Косово и тоа да се случи преку уставни промени. Спротивно, јасно дадов до знаење дека никој не може да го користи правото на вето врз формирањето на косовската армија“, рече Тачи.
Одговарајќи на прашањата на присутните претставници на граѓанското општество и новинарите, претседателот на Косово рече дека косовската јавност не треба да губи време за прашањето на претседателските избори во Србија, бидејќи тоа е само една соседна земја во која имаше избори.
Тој истакна дека Србија е само една од земјите во регионот, а не и центар на регионот и дека не станува збор за регионална сила, туку земја која има проблеми со речиси сите земји во регионот.
Според него, добрите односи меѓу Србија и Турција не им штетат на добрите односи меѓу Приштина и Анкара поради тоа што Турција беше меѓу првите земји што го признаа Косово и го поддржува Косово во лобирање за нови признанија за членството на Косово во разни меѓународни oрганизации.
Во однос на прашањата за демаркација на границата со Црна Гора, Косовскиот претседател истакна дека никој не може да негира дека опозицијата го попречува договорот, но дека партнерите во владејачката коалиција треба да обезбедат овој процес да оди напред така што Косово би добило визна либерализација.
Тој исто така истакна дека Владата на Косово треба да формира заедница на општини со српско мнозинство и дека Владата не треба да ги прифати тужбите дека оваа Заедница, е договорена во Брисел, е неуставна.
На прашањето дали на Косово ќе има предвремени избори, поради многу нерешени и блокирани прашања, Тачи нагласи дека тоа зависи од договорот на политичкиот спектар, и дека ако постои волја не е крај на светот и да се оди на предвремени избори.
Тачи, исто така, најави дека овој месец по негова иницијатива, а по завршување на консултациите, официјално ќе биде формирана и Комисијата за вистината и помирувањето.