Stipe Mayiç
04 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ЗАГРЕБ (АА) - По повод осумгодишнината од членството на Хрватска во НАТО во хрватскиот Парламент се одржа свеченост на која заедно со претседателот на Парламентот (Саборот), Божо Петров беше присутен и претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Паоло Али. Петров и Али истакнаа дека ќе се залагаат за проширување на НАТО на Западен Балкан, јавува Аnadolu Agency (AA).
Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Паоло Али, во обраќањето за новинарите истакна дека НАТО е важен воен сојуз, но и политички сојуз на држави со заеднички вредности.
„Денес, безбедноста е загрозена со бројни закани како што се тероризмот, миграциите и кибер безбедноста. Мора да бидеме заедно бидејќи безбедноста е глобална, а не поединечна работа“, рече Али.
Тој истакна дека европската и атлантската интеграција одат рака под рака, бидејќи се темелат на исти вредности.
„Хрватска ќе одигра важна улога за земјите од Западен Балкан, бидејќи знаеме дека Црна Гора наскоро ќе стане членка на НАТО, но и други земји во регионот имаат аспирации за членство во НАТО. Европа нема да биде Европа сè додека земјите од Западен Балкан не бидат интегрирани во целост, бидејќи Европа е и Западен Балкан“, порача Али.
Петров истакна дека е горд на осмата годишнина од членството на Хрватска во НАТО, поради, како што рече, безбедноста и стабилноста што ги нуди овој Сојуз.
„Силно ќе се залагаме за проширување на НАТО сојузот на сите оние членки и држави кои својата визија за иднината ја гледаат во отворените врати на НАТО, затоа што веруваме дека иднината, стабилноста, мирот и напредокот на Југоисточна Европа зависат значително од трансатлантските интеграции, од влезот во ЕУ и во НАТО“, порача Петров.
Говорниците на церемонијата на 8. годишнина од членството на Хрватска, истакнаа бројни безбедносни предизвици на денешницата пред кои се наоѓа НАТО, и Хрватска како нејзина членка.
На свеченоста присуствуваа голем број пратеници, амбасадори и дипломатски воени претставници на земјите-членки на НАТО и на Црна Гора, постојаниот претставник на Република Хрватска во НАТО, функционери и претставници на МНР, на Министерството за внатрешни работи, на Министерството за хрватски бранители и други.