Zülfiya Yakup
09 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
ПРИШТИНА (AA) – Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави дека нема откажување од неговата иницијатива, со која, со измена на закон Безбедносните сили на Косово добиваат мандат на војска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот претседател на вонредна конференција за новинари рече дека е уверен дека процесот на трансформација на Безбедносните сили на Косово во војска, и покрај изразената загриженост на меѓународните партнери, ќе биде успешно завршен токму со поддршка на партнерите, НАТО и Соединетите Американски Држави (САД).
Тачи е уверен дека целиот политички спектар на Косово, како и цивилното општество, ќе бидат единствени во ставот дека овој процес треба да се заврши. Тој рече дека не се сомнева дека предложениот Нацрт закон за БСК ќе добие позитивно мислење од Владата на Косово, на чело со премиерот Иса Мустафа. Тој наведе дека овој акт на Косово не е неочекуван чекор, ниту неуставен и едностран.
„Ние, како демократски институции на независна и суверена држава, одлучивме на БСК да му дадеме мисија и задачи на една модерна, професионална, мултиетничка војска, која ќе биде во состојба да ја брани сувереноста и државниот интегритет на нашата земја. Таа уставна законска обврска никој не ја довел во прашање и нема да може да ја доведе во прашање никој од нашите западни партнери, вклучувајќи го и НАТО и неговите земји членки", рече Тачи.
Според неговите зборови, единствена држава која се спротиставува на овој законски акт е Србија, која тврди дека основањето на косовската војска е закана за мирот и стабилноста во регионот, додека „истовремено со националистичка гордост го полни својот воздушен простор со авионите од типот МИГ кои им ги даде Русија".
„Очекувам од НАТО да биде свесен за тие конкретни ризици за кои дискутиравме и на последниот состанок со генералниот секретар на НАТО и да не се грижи за унапредување на улогата на Безбедносните сили на Косово, знаејќи дека БСК се изградени и тренирани токму од НАТО и државите членки на НАТО", наведе Тачи.
Тој рече дека неговиот директен одговор денеска на изразената загриженост на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, земја на групата „Квинт" и САД, дека косовската иницијатива не е еднострана, бидејќи Косово три години по ред се обидуваше да го координира делувањето со српските пратеници на Косово, но дека тие били јасни дека никогаш нема да гласаат за војската на Косово. Тачи оцени дека таков став е директна наредба од Белград и дека Косово нема намера да го координира своето делување со Србија во однос на тоа прашање.
„Судбината на Косово и нашата војска не смее да биде и нема да се дозволи да остане заложник на желбата и расположението на Србија, ниту под било кои околности и повторувам, ниту по било која цена", нагласи тој.
Додаде дека Србите треба да се вратат во институциите на Косово и поради формирањето на Заедницата на српските општини и поради ратификацијата на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
Косовскиот претседател рече дека вчера со премиерот на Србија Александар Вучиќ разговарал телефонски за да му го пренесе ставот дека БСК во својот сегашен мандат, ниту во новиот мандат, не претставува закана ниту за Србија, ниту за било која друга држава.
Исто така, Тачи истакна дека како претседател има задача Косово да ја продлабочи соработката со НАТО, бидејќи главната цел на Косово е зачленување во таа воена организација, како и со САД бидејќи постоењето на државата на Косово е резултат за заедничката работа. Истакна дека се состанал и со американскиот амбасадор Грег Делави, и дека САД го поддршжува процесот на трансформацијата на БСК во војска, само бараат тоа да се изврши низ уставните промени.
Тачи нагласи дека, поради тоа што Србите не сакаат да глсаат за уставните промени, бара разбирање од меѓународните партнери. Тој заклучи и дека косовските институции би биле среќни кога САД и земјите на „Квинта" би можеле да ги убедат Србите да гласаат за формирање на војската.
Потсетуваме, претседателството на Собранието на Косово едногласно го прифати Нацтот на законот за трансформација на Безбедносните сили на Косово во воените сили, кои ги иницираше претседателот на Косово Хашим Тачи. На состанокот на Претседателството не присуствувале пратениците на Српската листа, кои ја бојкотираат работата на косовските институции од октомври минатата година.