Zülfiya Yakup
06 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Со воената церемонија во касарната на Безбедносните сили на Косово „Адем Јашари” во Приштина денес започна традиционалната манифестација „Епопеја на ОВК”, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата присуствуваа највисоките косовски официјални претставници, како и голем број граѓани. По интонирањето на химната на Косово и na Албанија, највисоките косовски официјални претставници положија цвеќе пред обелискот на загинатите борци.
Косовскиот претседател Хашим Тачи во својот говор изјави дека трагичното погубување на Адем Јашари и неговото семејство во Преказ, како ниту еден друг настан, прераснало во сила на мобилизацијата на сите оние кои со векови чекале да се приклучат на автентичната војска на Албанците, Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Тачи изјави дека ОВК, како општонароден отпор, станала фактор број еден во интернационализацијата на прашањето за Косово, бидејќи праведната борба за слобода по првпат добила поддршка од најсилните институции на демократскиот свет, САД, земјите на ЕУ и НАТО.
Косовскиот претседател изјави дека никој не може да ја извалка ОВК, и нагласи дека затворените припадници на ОВК се херои на косовскиот народ.
Тој потсети дека како примиер пред три години најавил основање на војската на Косово, но дека тоа не се остварило бидејќи поради познати околности, алудирајќи на противењето на српските претставници на Косово, не можел да го промени Уставот на Косово.
Тој додаде дека за тоа не обвинува никој, но обраќајќи им се на присутните порача дека многу брзо, во наредните денови според своите уставни овластувања ќе ги преземе сите работи потребни за трансформација на БСК во војска на Косово, со посредство на промените во Законот за БСК.
„Со новиот закон за Безбедносните сили на Косово (БСК), тие ќе имаат мисија да го штитат суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, на граѓаните и заедниците, интересите на Косово и да придонесат за изградба и зачувување на регионалниот и глобалниот мир и стабилност”, изјави Тачи.
Тој истакна дека војската на Косово ќе биде модерна и мултиетничка, додека мировната мисија на НАТО, КФОР, ќе ја продолжи како и досега својата мисија.
Премиерот на Косово, Иса Мустафа изјави дека денот кога пред 19 години загинаа Адем Јашари и семејството Јашари ќе се памети засекогаш, бидејќи никогаш не смее да се заборави колку е скапа слободата.
„Оваа годишнина на Епопејата на ОВК ја одбележуваме и со 114. признанија на нашата земја од различни земји од сите континенти, со зачленување во различни меѓународни организации и со цел зачленување во Европската Унија, ОН и НАТО”, изјави Мустафа.
„Епопејата на ОВК” се одржува секоја година на 5., 6. и 7. март во чест на погибието на командантот на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Јашари и уште 54 членови од неговото семејство.
За време на оваа манифестација голем број официјални претставници и граѓани го посетуваат Меморијалниот комплекс „Адем Јашари” во Преказ, а „Епопејата на ОВК” звршува на 7.март со традиционално палење на оган во Преказ.