Zylfije Adem Jakupi
28 Февруари 2020•Ажурирај: 29 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - По повод најавата на премиерот на Косово, Албин Курти, дека условно и постепено ќе ги укинува таксите за увоз на стока од Србија и Босна и Херцеговина (БиХ), косовскиот претседател Хашим Тачи соопшти дека тврдоглавоста, непостоењето акција и мудри одлуки ја продлабочиле изолацијата на Косово и сериозно ги нарушиле односите на Косово со Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Тачи на својот фејјсбук-профил напиша дека задржувањето на таксите е сериозна пречка и ја оневозможува стратешката соработка и силните нови американски инвестиции во Косово. Тачи наведе дека потребата итно да се донесат правилни одлуки било клучното барање и пораката на неговиот состанок со американскиот државен секретар Мајк Помпео и со советникот за национална безбедност О'Брајен.
„И моето јасно барање како претседател, до Владата, до политичкиот спектар и пред сè, до граѓаните на Косово, е да се донесат правилни стратешки одлуки, кои ќе ја сопрат изолацијата без одложување, кои ќе отворат дијалог за конечно решение и ќе ги зајакнат доживотните пријателства и стратешката соработка со САД“, истакна Тачи.
Тој исто така порача дека не е потребно евентуално колебање во донесувањето на брзи, мудри, целосни, а не делумни одлуки „бидејќи тие одлуки се единствениот начин за постигнување на нашите државни и стратешки цели“.
Премиерот на Косово, Албин Курти, најави дека на 15 март ќе бидат укинати стопроцентните такси за увоз на првата суровина од Србија и БиХ, а за возврат од Србија ќе се очекува да ја прекине својата кампања за повлекување на признавањата на Косово и укинување на нетарифните бариери за косовската економија. Доколку Србија одговори позитивно на овие барања, Владата на Косово на 1 април целосно ќе ја укине таксата за увоз на сета стока од Србија и БиХ на 90 дена. Премиерот Курти рече дека во спротивно, на 1 април ќе започне постепено воведување на реципроцитет кон Србија.
На ваквата најава на Курти остро реагираше специјалниот пратеник на американскиот претседател Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, кој рече дека Курти прави сериозна грешка, бидејќи САД бараат целосно укинување на таксите без условување. Европската Унија, пак, ја поздрави одлуката на премиерот Курти за делумно и условно укинување на таксите, оценувајќи дека тоа е првиот чекор и дека се очекуваат повеќе детали.