Aldijana Hadzic
01 Март 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
САРАЕВО (АА) - Денеска Босна и Херцеговина (БиХ) го одбележува Денот на независноста. По тој повод, претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ и Шефик Џaферовиќ, положија цвеќе на спомен-обележјето „Вечен оган“ во Сараево, јавува Агенција Анадолија (AA).
Цвеќе претходно положија и на гробиштата „Ковачи“, како и на спомен-обележјето на убиените деца на опколеното Сараево 1992-1995 година, на спомен-обележјето на убиените полицајци во Големиот парк и спомен-паркот „Враца“.
Џаферовиќ на сите граѓани на БиХ им го честиташе Денот на независноста и потсети дека 1 март е еден од најважните датуми во историјата на БиХ.
Потсети дека пред 28 години, граѓаните на БиХ, со речиси двотретинска волја на референдумот се изјаснија дека БиХ треба да оди по патот на независноста и меѓународното признавање.
„Граѓаните на БиХ рекоа „да“ на слободата и „не“ на јаремот и ропството. Се закануваше исчезнување и уништување на БиХ или ропство на БиХ. Граѓаните го препознаа тоа и со толку голем процент ја одредија иднината на нашата татковина. Граѓаните на БиХ гласаа за целовита, демократска БиХ, држава на рамноправни народи и граѓани на целата нејзина територија. Ние и денес се бориме за целовита и демократска БиХ и за рамноправност на сите луѓе во БиХ, без оглед каде живеат“, рече Џаферовиќ.
Додаде дека генерацијата која ја оствари независноста на БиХ направила епохална работа.
„Денес се сеќаваме на тие генерации на чело со починатиот претседател Алија Изетбеговиќ“, рече Џаферовиќ.
Потсети дека по прогласувањето на независноста уследи агресијата врз БиХ и чесната и горда одбрана на БиХ од агресијата.
„Вредноста на 1 март, владеењето на правото и демократијата, рамноправноста се вредности за кои и денес се залагаме и се бориме. И ќе се избориме. Нашата крајна цел е перспективна БиХ, функционална држава БиХ, држава во која сите луѓе се рамноправни, целовита, членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО. Овие се нашите цели и ние ќе ги реализираме, без оглед на тоа што денес во БиХ постојат сили кои би имале некои други планови со БиХ. Не успеаја тогаш кога на БиХ ѝ беше најтешко, нема да успеат ниту сега. Ние никогаш нема да се умориме на патот на борбата за целовита и демократска БиХ, држава на рамноправни народи“, изјави Џаферовиќ.
Запрашан и за заминувањето на младите луѓе од БиХ, Џаферовиќ рече дека луѓето од БиХ заминуваат затоа што нема доволно работа, но дека тоа не е единствената причина.
„Заминуваат цели семејства кои имаат вработување затоа што немаат доверба во системот. Деструктивните сили мора да знаат, освен што нема да им успее нивната политика, дека директната последица и штета на таа политика е ова за што зборувате вие - заминување на луѓето од БиХ поради недоверба во системот. Ние треба да изградиме доверба во системот, затоа е многу важно што зборуваат политичарите, што прават политичарите, сè започнува од зборовите, а подоцна доаѓаат делата. Нека внимаваат добро какви изјави даваат, нека не ја нарушуваат политичката атмосфера и климата во БиХ, нека бидат конструктивни, нека престанат со блокада на работата на институциите. Да ја работиме оваа работа, да спроведуваме реформи на европскиот и патот кон НАТО, да ја јакнеме економијата, да воспоставиме систем во кој луѓето ќе веруваат и тогаш многу помалку ќе бидат оние кои ја напуштат БиХ“, рече Џаферовиќ.
Од одржувањето на референдумот за независност на Босна и Херцеговина, на кој од 64 отсто граѓани кои излегоа да гласаат, 99,44 отсто гласаа за независност, поминаа 28 години.
Референдумот за независност, одржан на 29 февруари и 1 март 1992 година, значеше потврда на определбата на мнозинството граѓани кон иднината на БиХ, но исто така беше и увод во тригодишната крвава војна, на агресијата врз БиХ, во која загинаа над 100 илјади луѓе, додека над 1 милион граѓани на Босна и Херцеговина беа протерани од своите огништа.