Vesna Besic
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, се надева дека до 2030 година барем две или три земји од Западен Балкан ќе бидат подготвени за членство во Европската Унија (ЕУ), истакнувајќи дека забрзувањето на европските интеграции е геостратегиска нужност, јавува Анадолу.
Фајон, говорејќи по состаноците со министрите од регионот и со европската комесарка за проширување, Марта Кос, во Брисел, рече дека се разговарало за заедничките предизвици, вклучувајќи го зајакнувањето на приспособувањето кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и одговорот на кибер и хибридните закани.
„Разговаравме за заедничките предизвици на регионот. Тоа е воедно и геостратегиска нужност, за која сите сме свесни, земјите што побрзо да се приклучат на Европската Унија преку итни реформи“, изјави таа.
Нагласи дека Словенија останува силен заговорник на проширувањето на Европската Унија и на активното вклучување на Западен Балкан во европските процеси. Според нејзините зборови, посебно внимание е посветено и на мерките кои директно влијаат врз граѓаните, како што е укинувањето на трошоците за роаминг во регионот и олеснувањето на секојдневниот живот.
Фајон, исто така, ја истакна важноста од продолжување на дијалогот Белград – Приштина, оценувајќи дека регионалните состаноци со министрите од Западен Балкан се клучни за одржување на политичката динамика и довербата.
„Што побрзо проширување на Западен Балкан, исто така и што побрзо воведување на роаминг за целиот регион – сите оние чекори кои го олеснуваат животот на населението и го забрзуваат дијалогот Белград – Приштина“, нагласи Фајон.
„Се надевам дека до 2030 година ќе видиме конкретни резултати“, порача Фајон, додавајќи дека две до три земји од регионот би можеле да бидат подготвени за членство во ЕУ во тој период.